В четврток, на 2 јуни, во Јавната општинска установа библиотека „Искра“ ќе биде промовирано делото „Седумте“ од алпинистката, амбасадорка на родовата еднаквост во спортот, екологистка и ликовна уметница Илина Арсова.
Настанот, кој го организираат Општина Кочани и Библиотеката „Искра“, има три содржини. Во 11 ч., во дворот на Библиотеката, претставници на кочанските планинарски друштва „Москито“ и „Осогово“ и на Извидничкиот одред „Ластовица“ ќе имаат средба со Илина Арсова на која ќе можат да разменат искуства и да разговараат за можностите и предизвиците во планинарењето.
Од 12 ч., во просториите на „Искра“ пред јавноста ќе биде претставено најновото дело на Арсова, „Седумте“, кое содржи патописи за љубовта, планините и за уметноста, и претставува документ за нејзините патешествија и подвизи што оставија неизбришлива трага во историјата на македонскиот спорт.
Едновремено со овие случувања, ученици од кочанските основни училишта мотивирани од врвните постигнувања на алпинистката Илина Арсова ќе творат во ликовната работилница под наслов „Инспиративната природа – поттик на еден вљубеник во планинските височини“.
Настанот се реализира со средства од Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите на Општина Кочани.