НА ХАРТИЈА ТРАНСПАРЕНТНА А ВО СТВАРНОСТ – ЗАТВОРЕНА ЗА КОМУНИКАЦИЈА

јули 14, 2023
1 минути

(РЕАКЦИЈА  НА  ТВ  КАНАЛ  8  НА  РЕАКЦИЈАТА  НА  ОПШТИНА  КОЧАНИ  ЗА  СОСТОЈБАТА  СО  ПЛАНИНАРСКИОТ  ДОМ  НА  ПОНИКВА)

Неповикана, никаде неспомната во наведениот текст како институција одговорна за актуелната состојба, Општина Кочани писмено реагираше на новинарско видување за состојбата со Планинарскиот дом на Пониква, невешто избирајќи да оди по народната „кој си ја има мувата…“

Лидер-општината во регионот по активна транспарентност, освен неколку информации од постар датум за почнати или реализирани активности, на својата веб-страница нема никаква документација за проектот „Планински велосипедски рај“ после 2021 година, а скоро две години нема ни волја проактивно да информира, ни за тој проект, ни за други актуелни прашања што суштински ги засегаат граѓаните.

На хартија транспарентна, а во стварноста – затворена за комуникација. Сепак, во реакцијата на тема Планинарски дом, Општина Кочани посака на мала врата да проговори и за новата градинка. Зарем толку малку заслужуваат граѓаните да знаат за уште еден капитален објект што чека отворање?!

Како илустрација за (не)транспарентноста, за 20 месеци Општина Кочани има реализирано само една прес-конференција, и тоа од немај каде – по минатодишното летно невреме и поплавите. Наменските општински текстови што се испраќаат до медиумите ја потврдуваат еднонасочната комуникација на пробрани теми, отсуство на простор за посериозна дебата и неможност за дополнителни прашања од интерес за граѓаните.

Канал 8 Телевизија изразува незадоволство од ваквиот начин на комуницирање на Општина Кочани и повикува на отвореност, целосност и точност во информирањето. Јавно ги повикуваме раководните и стручните служби да ги  запознаат граѓаните и за Планинарскиот дом, и за новата градинка, и за градскиот пазар и проблемите во сообраќајот, за Старечкиот дом, јужниот булеварски влез во градот, сместувањето на семејствата од Старата касарна, бездомните животни, хигиената на јавните површини…

ТВ  Канал 8

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ