„ОСОГОВО“ ЗАГУБИ ВО ПРИЛЕП И ПАУЗАТА ВО ПРВЕНСТВОТО ЈА ДОЧЕКА СО 0 (НУЛА) БОДОВИ

Во Спорт
септември 3, 2023
1 минути

Се одиграа натпреварите од 4-тото коло во Втора Фудбалска Лига. И после ова коло „жетварите“ од Кочани останаа на  последното место на табелата без ниту еден освоен бод. Кочанчани денес не успеаја иако играа со противник од кого можеа да земат барем бод а на „нивната воденица“ во прилог беше и што домаќините од 77’ играа со играч помалку  по исклучувањето на домашниот играч Стефан Спиркоски. Инаку, по сончево но спарно време за игра во првото полувреме и двете екипи не прикажаа речиси ништо. Прилепчани се обидуваа со многу додавања да стигнат до голот на „Осогово“, а гостите својата шанса ја бараа од против нападите, но се сé сведе на неколку полу прилики за гол.

Второто полувреме кога малку се намали и температурата донесе за нијанса подобар фудбал. Домаќините поведоа во 48’, по изведениот корнер највисок во гостинскиот шеснаесетник беше стоперот Филип Стомнароски кој со удар со глава го матираше Ѓорѓи Јованоски.  По постигнатиот гол играчите на „Победа“ се обидуваа да го зголемат водството но од тоа речиси ништо. Кочанчани најубавата шанса да стигнат до бода ја имаа кога во финишот од натпреварот одлично изведениот удар на Славче Митовски домашниот голман Иван Николоски со прекрасна интервенција го одбрани исфрлувајќи ја топката во корнер.

Со тоа згасна и последната надеж дека „Осогово“ непоразено ќе се врати од Прилеп.

Резултати од 4-тото коло:

„Победа“ – „Осогово“  1:0

„Охрид“ – „Вардар“ (Н)  2:3

„Скопје“ – „Караорман“  2:1

„Аресими“ – „Кожуф“  0:2

„Пелистер“ – „Детонит Плачковица“  0:0

„Беса“ – „Каменица Саса“  2:1

„Тетекс“ – „Новаци“  0:2

„Башкими“ – „Беласица“  0:3

Поради обврските на Македонските фудбалски репрезентации следното 5-то коло ќе се игра на 16.09.2023 година, кога „Осогово“ ја пречекува екипата на „Охрид“.

С.  Ивановс

Благодарност  до  уредникот  на  „Шампион.мк“ за отстапените фотографии

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ