„Фоаје 2“ на катот во НУ ЦК „Бели Мугри“ во Кочани беше претесно да ги прими сите заинтересирани кои сакаа да бидат дел од отворањето на изложбата „Портрет на еден архитект“ посветена на една од најголемите личности на Кочани, Александар Гицов – Сане.
Освен поставени портрети изработени од вештите раце на нашиот Сане, на изложбата беа поставени и макети (зградата на ЗПОЛ Македонија, Споменикот на Никола Карев во близина на село Тркање, „Етно куќата’ во Кочани како и манастирот „Св. Спас“ во село Полаки) како и дел од неговиот архитектонски опус.
„Денеска е свечен ден за љубителите на културата и уметноста во Кочани. Поставката и изложба е во чест на градскиот архитект Александар Гицов, нам познат како Сане, за кој се потрудивме да го прикажеме во едно светло преку неговите објекти прикажани во макети и модели. Изложени се и интервјуа и кажувања за него, од негови пријатели, колеги, соработници, пријатели од студии, за нас едно искуство за него и како професионалец и пријател на градот. Поставката не е моја лична туку е дело на еден голем тим во кој учествуваа студенти од Архитектонскиот факултет на УКИМ“, истакна идејниот творец на оваа изложба, м-р Марија Петрова, дипл. инженер – архитект и асистент на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Изложбата е во склоп со годинешното 32. издание на манифестацијата „Денови на Кочанскиот ориз 2023“.
Инаку, Александар Гицов – Сане постхумно е годинешниот добитник а седмосептемвриската награда на Кочани за „ЊЖивотно дело“.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ