Во соработка со Елизабета Петровска од ЗГ „Друштво на писатели“ – Куманово, беше отворена изложбата „Во пресрет на рускиот цар, Романови – царско служење“, која е направена минатата година по повод 105 години од смртта на семејството Романови, а под покровителство на Сретенскиот манастир од Москва.
Изложбата е прикажана над 300 пати на повеќе места ширум светот: Русија, Европа, Австралија, Америка. Изложбата е составена од семејни фотографии, портрети од семејните албуми, и претставува интересен проект од кој преку набљудување може секако во мал дел да се долови и преку слика да се навлезе во сегменти од живеењето на ова значајно историско семејство на Царска Русија.
Во голем број од фотографиите е прикажан секојдневниот живот и доловен е и прикажан хуманитарниот дух и хуманитарните активности на целото семејство.
Настанот го збогатија учениците Александра Георгиева и Стефан Митков од ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани со изведба музичка точка-валцер Д. Шостакович, под менторство на професорите Давид Велков и Јованка Милојевиќ.
Ја слушнавме прекрасната руска песна „На месечината сјае сребрен снег“ во изведба на Мима Младеновска а во инструментална придружба на Воислав Петров.
На крај, присутните беа почестени со еден навистина импресивен балетски перформанс, карактеристичен за руската култура по кореографија и костимографија, во изведба на балерината Ивона Зинзировска од Опера и балет – Скопје и членка на рускиот ансамбл „Чајка“ од Скопје. Балерината е и правнука на офицер од Белогардејската војска-коњаница на Романови, Александар Костин.
ЈОУБ „Искра“ – Кочани