ПИСМО ОД НАШ СОГРАЃАНИН: „НЕМА ДА ТРОШИМЕ БЕЛ ОРИЗ ОД ЦРНИ НИВИ“

февруари 20, 2022
0 минути

Утринава нешто пред осум часот од загрижен наш сограѓанин ни беа испратени фотографии кои вчера навечер и рано утринава ги направил а и писмо кое во целост Ви го пренесуваме.

„Со вас како уредник на порталот комарец сакам да споделам едно свое согледување на разгорената кочанска долина и на нај, нај загадениот град со чад и со што ли уште не. Очигледно е дека депонијата полека стивнува, иако се уште чади се надеваме дека наскоро ќе згасне. Се надеваме исто така дека еко витезите од нашиот град ќе најдат начин и сили да го амортизираат Пајпер мил за што имаат и ќе имаат поддршка и од мене а се надевам и од пошироката јавност. Ова се двете позитивни работи, а сега за едната негативна. Во прилог ти праќам слики од опожарените оризови ниви од страна и би рекол злонамерно, идиотски, нехумано злосторничко и осветничко  дејствување на оризопроизводителите. Вчера беа запалени над 300 ниви што досега е невидено. Буквално гореше насекаде, од Злетовица до Оризарско преку Зрновско поле. Југозападниот ветер само потпомогна на интензитетот на огинот и сиот чад го преплави градот и населените места. Лично се прашувам да не е ова израз на револт и радикализација на протестите за цената на оризот. Ако е тоа во прашање нека си кажат јавно и машки како пред камерите на протестите во Облешево. Се прашувам има ли чаре? Каде е ресорното министерство, работи ли некој на овој проблем? Каде е старо новиот министер за земјоделие кој впрочем две години  наводно водеше битка против корупцијата и бараше потекло на имот на секој граѓанин. Ајде еве му на отворено 300 ниви по име и презиме со имотен лист со слики како материјален доказ за сторената палидба. Му останува нему и на неговите институции да сработат нешто за платите кои ги земаат од нас, а за оризопроизводителите да знаат дека револтот наш ние ќе го изразиме и нема повеќе да трошиме бел ориз од црни ниви. Нека биде и насловот на писмото НЕМА  ДА  ТРОШИМЕ БЕЛ  ОРИЗ  ОД  ЦРНИ  НИВИ“.

Идентитетот на лицето ни е познат.