Повеќе од 760 пензионерски семејства од Кочани ќе мораат за претстојната грејна сезона сами да се снаоѓаат и да обезбедат огревно дрво, откако денеска од Здружението на пензионери на општина Кочани добиле известување дека договорите за набавка на огревно дрво за претстојната грејна сезона се раскинати.
Во известувањето до членовите на Здружението се нагласува дека испораката на дрвата, што веќе требало да се реализира, е откажана поради административни и технички причини. Средствата во висина од околу 10 милиони денари, што пензионерите ги платиле, ќе им бидат вратени.
„Уште во февруари годинава со две фирми едната од Кочани а другата од Пехчево потпишавме договори за испорака на огревно дрво, но поради минатогодишните шумски пожари и одлуката на надлежните државни институции за намалување на сечата и обновување на оштетената шума, тие се соочуваат со проблеми во обезбедувањето на договорените количини. Имавме средба и со раководството на ЈП „Национални шуми“ и претставници на нивните шумски подружници во регионот, на која бевме информирани дека можат да се обезбедат количини за околу 200 семејства, а за останатите нема услови што ние тој предлог категорички го одбивме се со цел да не направиме раздор помеѓу пензионерите. Поради сите тие причини, Извршниот одбор на Здружението изминатиот Петок донесе одлука договорите за испорака на дрвата да се прекинат, а парите што пензионерите веќе ги уплатиле кај нас, да им бидат целосно вратени. Оценивме дека е подобро навреме да ги известиме за проблемот, за да можат да се обезбедат од други снабдувачи“, истакна Ѓорѓи Серафимов, претседател на Здружението на пензионери на општина Кочани.
Од Здруженеито ги повикуваат пензионерите кои веќе нарачале и платиле за огревно дрво, да приложат уплатници за уплатените рати и лична карта како доказ, по што средствата ќе им бидат надоместени.
Поголема група пензионери денес се собраа пред зградата на Здружението на пензионери при Општина Кочани и реагираа поради откажувањето на испораката, особено што тоа се прави откако веќе ги платиле скоро сите рати.
С. Ивановски