ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА БФРСМ ДЕЈАН БОГДАНОВ ГИ ПОСЕТИ БОРАЧИТЕ НА „СПАРТАК“

февруари 4, 2022
0 min read

Дека работите во најтрофејниот клуб во Кочани, БК „Спартак“ одат во нагорна линија потврда е се поголемата масовност на тренинзите каде младите надежни борачи упорно тренираат се со цел еден ден да почнат да го враќаат стариот сјај на  клубот.

Добрата организација на клубот, мошне активната управа и добрите услови за работа во реновираната сала каде борачите тренираат далеку се слушна, па затоа и не чуди денешната посета на челните луѓе од федерацијата.

Дејан Богданов, Претседател на БФРСМ во друштво на Драгана Савева, Технички секретар во федерацијата и Даниел Илијев, Претседател на судиската организација денес престојуваа во работна посета на БК „Спартак“. За време на тренингот  кој со големо внимание го следеа тие беа запознаени со организацијата и понатамошните планови на клубот.

Да потсетиме, со именувањето на Зоран Сребренов за прв човек на „Спартак“ и со вклучувањето на голем број некогашни борачи во управата и во водењето на тренинзите, клубот чекори напред.

Со ваков начин на  работа и организација нема да биде никакво изненадување ако за мошне кратко време борачите на „Спартак“ почнат со жетвата и на медали.

Љубителите на борењето тоа со нетрпение го очекуваат.

С. Ивановски