ПРОМОВИРАНО ДЕЛОТО „ТИ МОЖЕШ“ ОД АВТОРОТ ЛЕНЧЕ СТОЈАНОВА

јуни 2, 2022
1 min read

Синоќа во Библиотеката „Искра“ во Кочани беше промовирана книгата „Ти можеш!“ од авторката Ленче Стојанова. Инспирирана од прекумерната тежина кај младите,

Стојанова создала прирачник за слабеење на еден поинаков начин, водич за постигнување на посакуваната телесна тежина низ длабок поцес на психофизичка рамнотежа.

Делото го промовираше д-р Верица Јакимова, специјалист по интерна медицина, која истакна дека авторката е водена од мотото дека човек е она што сам од себе ќе направи и таа дава свое видување на храната, здравјето и физичката активност, посебно на нивното заемно дејство во спој што се нарекува среќен и здрав живот.

За биографијата на Стојанова, дипломиран биолог на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која повеќе години живее и работи во Нов Зеланд, говореше Билјана Стојанова, член на нејзиното пошироко семејство.

„Нејзините работни активности и во Македонија во голем дел беа насочени кон здрав живот, здрава храна, со едукативни содржини пласирани во јавноста на различни начини. Останува запаметена и како почитуван наставник по биологија. Иако физички е далеку од татковината, прирачникот покажува дека таа е во непрекината духовна врска со своите сограѓани“ рече Билјана Стојанова.

Преку видеообраќање, на сите учесници и поддржувачи во печатењето на делото им се заблагодари и авторката Ленче Стојанова.