РАПСОДИЈА ВО ЖОЛТО, „ОСОГОВО“ ЈА ДЕКЛАСИРА „ЛОКОМОТИВА“

март 12, 2022
1 min read

Солиден почеток на третиот круг во Втора Фудбалска Лига – Исток за екипата на „Осогово“. По сончево но мошне студено време во рамките на 19-тото коло играчите на „Осогово“ во едно фуриозно второ полувреме ја декласираа последнопласираната екипа на „Локомотива“ од Градско.

Првото полувреме не донесе многу возбудувања. Гостите повеќе мислеа на одбраната на својот гол отколку на противничкиот. Успешно се бранеа а од некаков кикс на домашната одбрана се надеваа нешто повеќе да сторат. Играчите на „Осогово“ за разлика од гостите напаѓаа но тоа беа јалови напади и без некоја посериозна шанса за гол освен во 13’ кога Ќамилов центрираше а двајца домашни играчи стартуваа на топката која заврши високо над голот и 21’ кога по една мешаница во гостинскиот шеснаесетник топката заврши покрај левиот дирек во гол-аут.

„Жетварите“ сосема заслужено дојдоа во водство во 35’. Пановски одлично го изведе слободниот удар од дваесетина метри но топката заврши во левиот дирек се одби на спротивната страна каде расниот стрелец Манов не згреши биеше во празната мрежа за водство со кое се замина на одмор.

Во второто полувреме се играше само на еден гол, на гостинскиот. Домаќините осоколени од водството, во второто полувреме едноставно го разбија противникот, постигнувајќи пет погодоци а можеше и уште некој ако домашните играчи беа посконцентрирани во завршницата од акциите.

49’ – 2:0, Дојчинов доби топка по левата страна, убаво се проби излезе сам пред гостинскиот голман и кога овој му тргна во пресрет рутинирано по земја биеше во незаштитениот дел од мрежата.

67’ – 3:0, По изведениот корнер од десната страна, Манов биеше со глава а топката во парабола падна под самата пречка во мрежата на немоќниот Јакимовски.

70’ – 4:0, Хасан од косо од работ на шеснаесетникот упати прекрасен удар а убавината на погодокот ја збогати парадата на гостинскиот голман која беше неуспешна.

82’ – 5:0, Разиграниот Ќазимов убаво се снајде во казнетиот простор и биеше во мрежата на изненадениот Јакимовски.

88’ – 6:0, Домашните напаѓачи со неколку додавања буквално им ја „сокрија“ топката на гостите а на денес мошне добриот Дојчинов му преостана само да ја спроведе во празната мрежа.

Висока и наполно заслужена победа на „жолто-сините, гостите со својата игра ја уверија кочанската публика зошто се на последното место на табелата.

Резултати од 19-тото коло:

„Осогово“ – „Локомотива“  6:0

„Слога 1934“ – „Пехчево“  1:0

„Каменица Саса“ – „Братство“  1:0

„Беласица“ – „Детонит Јуниор“  2:0

„Победа“ – „Кожуф“  1:1

На табелата во сигурно водство е „Слога 1934“ со 42 бода, пред „Беласица“ и „Победа“ по 38, „Каменица Саса“ 37, „Осогово“ 26, „Пехчево“ и „Кожуф“ по 22, „Детонит јуниор“ 20, „Братство“ 13, „Локомотива“ 6 бода.

Во следното 20-то коло „Осогово“ му е домаќин на „Пехчево“.

С. Ивановски