РЕКОНСТРУИРАНАТА КИНО САЛА ВО НУ ЦК „БЕЛИ МУГРИ“ ВО КОЧАНИ, СВЕЧЕНО ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА

април 29, 2023
0 min read

Реконструираната кино сала во НУ ЦК „Бели Мугри“ во Кочани за која беа потрошени околу 20 милиони денари, средства обезбеден од Министерството за култура на Република Македонија, вечерба на свечен начин беше пуштена во употреба.

Реконструираната кино сала која е со нов изглед и според сите светски стандарди во употреба ја пушти в.д. директорката на НУ ЦК „Бели Мугри“ Ана Поп Михаилова.

При своето обраќање пред присутните в.д. директорката Ана Поп Михаилова истакна: „Во втората фаза од реконстуркцијата на националната установа, опфатени беа градежно – занаетски работи, електрични и машински инсталации во кино салата, гремиорните и тоалетите позади сцената.  На ѕидните облоги и плафонот поставено е комплетно осветлување и грејни тела. Во аудиториумот изведен е спуштен плафон од огнотпорни гипс картон плочи, а на ѕидовите поставени се акустични облоги од перфорирани гипсени плочи. Поставена е нова цементна подлога и теписон како и противпожарни врати на аудиториумот и галаеријта. Поставена е нова електрична инсталација, а целосно реновирани се и тоалетите“.

Поставени се 365 нови седишта како во аудиториумот, така и во галеријата.

Новата реконструирана кино сала е дел од втората фаза од комплетната реконструкција на објектот,откако во првата беше извршена реконструкција на фасадата, замена на кровот, двете преодни тераси, дел од тоалетите како и обновување на вратите и прозорците.

Комплетната реконструкција на објектот започна на почетокот на месец Септември 2018 година.

По свеченото пуштање во употреба на реконструираната кино сала поканетите гости имаа можност да го погледнат филмот „Преекспонирано“ во друштво на режисерот Елеонора Венинова, продуцентот и монтажер Гоце Кралевски и актерот, инаку нашиот сограѓанин Благој Веселинов.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ