РЕКОНСТРУИРАНИОТ ГЛАВЕН ПОТИСЕН ЦЕВКОВОД ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА

април 11, 2022
1 минути

Денес и официјално во употреба беше пуштен реконструираниот главен потисен цевковод кој  е дел од водосистемот на КЈП „Водовод“ – Кочани и е во должина од 2,2 километри со вредност од 44,5 милиони денари а е лоциран во Бунарскиот систем на КЈП „Водовод“ во „Грдовски орман“.

На чинот на свеченото пуштање во употреба освен Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов присуствуваа и Иван Иванов – директор на КЈП „Водовод“ – Кочани и Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Обраќајќи им се на присутните Папазов истакна дека Општина Кочани имала обврска да ја спроведе постапката на експропријација на земјиштето кое ја опфаќа трасата по која се изведуваше проектот како и обврска заедно со изведувачот на работите да се вратат парцелите во првобитната положба за да можат сопствениците да ги користат. Папазов потенцираше дека со оваа реконструкција е добиен еден стабилен систем за водоснабдување, со кој се намалуваат и загубите на вода.

Обраќајќи им се на присутните Мицкоски нагласи дека целата траса со сите технички технолошки зафати кои беа неопходни да се добие нова функционална цел од овој проект комплетно се завршени за помалку од четири месеци.

Комплетната реализација на овој проект беше покриена со средства кои Општина Кочани ги има добиено со одлука на Владата на Република Северна Македонија.

Со реконструкцијата на овој цевковод обезбеден е максимален капацитет до потрошувачите од 280 литри вода во секунда.

С. Ивановски