Што се случува со тениските терени во „ЗОРИК“? е прашањето кое што самите си го поставивме откако изминатите денови при наша посета на базенот видовме она што не можевме никогаш да го замислиме. Иако првичната цел ни беше да се одмориме сепак она што го видовме со тениските терени не разочара па мораше да појдеме на самото место за да се увериме во она што од далеку го видовме.
Дел од некогашните земјени тениски терени на кои многумина вљубеници во тенисот направија каква-таква тениска кариера и на кои се играа и те како добри тениски турнири денес заличуваат на тревнати. Дива трева насекаде околу нив. На еден од терените забележавме како играат двајца рекреативци и тоа толку претпазливо чиниш по „јајца газат“ само за да не се повредат.
Во разговорот со нив добивме и те како корисни информации.
„Погледнете на што личат трите тениски терени. Ќе треба многу труд за да се доведат во состојба на нив повторно да се игра вистински тенис. Сопственикот кој управува со нив едноставно си поигрува и со нашите чувства а и со чувствата на армијата тениски вљубеници. Ние повеќе од 20 рекреареативци побаравме да ги користиме годинава трите терени. Сопственикот ни вети дека ќе ги врати во кондиција по што седнавме и се договоривме да платиме секој по 2.500,00 денари сезонска карта. Плативме но договореното не се испочитува. Човекот што го ветуваше дека ќе ги одржува терените никаде го нема. Парите ги уплативме и сега наместо да се релаксираме, ние се нервираме. Играме внимателно да не се повредиме а условите какви се за игра проценете вие“ ни појасни еден од рекреативците.
Во понатамошниот разговор дознавме дека валјакот бил расипан па не можеле терените да се извалираат, потоа наместо лицето кое им било ветено дека ќе ги одржува терените наместо да ги наводнува во денот неколку пати терените биле оставени кога ќе дојдат некои рекреативци тие самите да си наводнуваат.
По сето она што деновиве го видовме и слушнавме очигледно е дека некој намерно или не сака тениските терени да се уништат. На тоа не наведе и информацијата што еден час користење минатата година чинел 200,00 денари, годинава е зголемен на 400,00 денари.
Искрено се надеваме дека одговорните луѓе во Општината ќе изнајдат време и ќе сакаат да седнат на маса со изманипулираните рекреативци и вљубеници во тенисот за да им биде појаснет овој сега веќе голем проблем, се со цел да се изнајде решение повторно да се игра тенис како минатите години.
Од виденото заклучокот би бил дека тениските терени имаа светло минато, но мошне црна иднина. Никој не посакува тие да пропаднат и затоа ќе мора навистина час поскоро да се реагира.
С. Ивановски