Во минато во склоп на училишните програми учениците имаа можност да посетат културни настани и институции надвор од градот во кој учат. Во последните неколку години таа процедура стана отежната, скоро невозможна.
Имено по желба на учениците и во организација на професорката по музичко образование Жаклина С. Јорданова 100 ученици од 9 одд. од ОУ „Св Кирил и Методиј“ во месец ноември посетија три концерти во Македонската филхармонија од каде учениците излегоа со воодушевување и позитивно мислење за класичната музика. Тие таму не само што ги обновија знаењата за музичките инструменти, туку ја осетија и атмосферата на културно живеење на еден голем и урбан град.
Тие покажаа високо ниво на однесување и заинтересираност за оваа музика и изразија желба за повторно одење на класични концерти.
Раководството на Македонската филхармонија со задоволство ја поздрави желбата за посета на нивната институција и на учениците им додели карти по половична цена.
Се надеваме дека ова ќе биде позитивен пример како треба да се мотивираат и насочуваат учениците кон повисоки вредности и критериуми за културно живеење и посета на културни институции со што ќе се придонесе во изградување на личноста на ученикот.
Посетите ќе продолжат и на Македонската опера и балет.