ВО ЧЕСТ НА ИЛИНДЕН – ДЕЛЕГАЦИИ ПОЛОЖИЈА ЦВЕЌЕ И ОДДАДОА ПОЧИТ НА ЖРТВИТЕ ЗА СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА

август 2, 2023
0 минути

По повод Денот на Републиката – Илинден,  градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов со членови од Советот, делегација  од Сојузот на Здружението на борците од НОВ и партиски делегации од Кочани положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата, споменикот на Никола Карев и на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата.

„Со возвишени чувства, на најсветлиот македонски празник се поклонуваме пред жртвите за слободна Македонија одбележувајќи 120 години од Крушевската Република и 79 години од Првото заседание на АСНОМ. Илинден е најголемиот македонски празник кој ги обединува почетокот на борбата за слобода на илинденците и стремежот на асномците за слободна македонска држава. Низ историскиот период, Македонија поминала и ја зачувала вековната желба за слобода бранејќи се од поделбите и давајќи отпор на пропагандите, обединувајќи се околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава. Нека асномските и илинденските идеали нѐ водат кон слободна, просперитетна, успешна и напредна Македонија. Нека ни е честит Илинден – Денот на Републиката и нека ни е вечна Македонија“ истакна во празничната честитка градоначалникот Папазов.