ВО ГОДИНА НА ГОЛЕМ ЈУБИЛЕЈ, „ОСОГОВО“ ВО ГРЧЕВИТА БОРБА ЗА ОПСТАНОК ВО ВТОРАТА ЛИГА

јануари 7, 2024
1 min read

Во годината во која само што зачекоривме фудбалско Кочани слави голем јубилеј, „Еден век фудбал во Кочани“. За жал во годината на овој голем  јубилеј Фудбалскиот Клуб „Осогово“ главниот носител на фудбалските збиднувања во „градот на оризот“ го очекува грчевита борба за опстанок.

Освоените 12 бодови и 14-тото место на табелата не гарантираат мирен сон а сето тоа благодарение на лошата одиграна есенска сезона. Есеноска „Осогово“ на домашен терен одигра 8 натпревари и од 24 бодови што ги имаше на располагање освои само 9, додека на гостувањата од 7 натпревари и 21 бод на располагање се освоија само 3 што е јасен показател каква есен „жетварите“ одиграа.

А се започна уште летото.  „Осогово“ како прво пласиран во Трета Фудбалска Лига – Исток не го помина баражот, но среќата ја побара во извлекувањето. И навистина се случи среќа и тоа голема среќа кога од трите преостанати екипи во лотаријата на ФФМ името на „Осогово“ беше извлечено што значеше дека кочанчани ќе гледаат второлигашки фудбал.

Но доцнењето од една седмица од стартот на подготовките уште тогаш навести дека нешто сепак чудно ќе се случува во новиот второлигаш. Најпрвин по само три дена од како стартуваа подготовките дотогашниот Шеф на стручниот штаб на „Осогово“ Ефтим Аксентиев си поднесе неотповиклива оставка бидејќи како што наведе тогаш на прес конференцијата не можел да го поднесе притисокот кога некои членови на стручниот штаб јавно зборувале дека ако на првите три средби  (од кои две како домаќин) не освои минимум 7 бодови ќе биде сменет.

По оставката на Аксентиев онака молкум без да бидат навремено известени медиумите од Кочани а преку тоа и фудбалската јавност во „гадот на оризот“ за шеф на стручниот штаб се поставува Добринко Илиевски. Преодниот рок лошо беше искористен. Наместо на костурот на екипата од третата лига да и се додадат 3-4 искусни играчи, „Осогово“ отвори детска градинка во која се најдоа млади и неискусни играчи од неколку фудбалски школи кои очигледно беше дека не можеа да го понесат товарот наречен „Втора лига“.

Но како-така првенството започна а веќе по првите пет кола (три на домашен терен) кочанскиот второлигаш доживеа вистинска голгота, не беше освоен ниту еден бод со катастрофално лоша гол разлика 03:13 што уште тогаш ја запали црвената сијалица дека борбата за опстанок во втората лига е започната. Во преостанатите десет кола се освоија 12  бодови што „Осогово“ го стави во групата на екипи кои грчевито ќе се борат за зачувување на второлигашкиот статус.

Дали ова го заслужи „Осогово“ да во годината на големиот јубилеј грчевито се бори за опстанок во лигата одговорот треба да го даде менаџерскиот тим на кочанскиот второлигаш.

Досега за сработеното како и за плановите во пролетната сезона никој се нема уште јавно изјаснето, а кога ќе се изјаснат? само тие си знаат.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ