ВО НЕРВОЗЕН НАТПРЕВАР СО ДВА ЦРВЕНИ И ШЕСТ ЖОЛТИ КАРТОНИ ЗНАЧАЈНИ БОДОВИ ЗА „ОСОГОВО“

Во Спорт
април 2, 2023
1 минути

Денес на програмата беа натпреварите од 16-тото коло во Трета Фудбалска Лига – Исток. Лидерот на табелата „Осогово“ гостуваше во Чешиново каде за противник ја имаше мотивираната екипа на „Академија Чешиново-Облешево“.

Натпреварот започна со едноминутно молчење во знак на сеќавање на прерано починатиот некогашен фудбалер а долги години и спортски работник Петруш Темелков Перо.

Прописно исполнетата единствена трибина наместо на играчите да им даде поттик за добар и ефикасен фудбал тие натпреварот го започнаа остро „на прва“ не штедејќи се ниту себе ниту противникот. Се играше 5’ кога домашниот играч Мартин Нисов за неколку секунди направи два груби прекршока над играчите на „Осогово“ по што се создадоа мачни сцени во кои учествуваа речиси сите играчи што беа на теренот. Откако малку страстите се смирија главниот судија Тоше Џамов донесе одлука и патот кон соблекувалната им го покажа на Марио Антевски (Академија Чешиново-Облешево) и Никола Стоиловски (Осогово).

Инаку првото полувреме помина речиси без ниту една шанса за гол пред двата голмани. Кога сите очекуваа крај на првото полувреме по една остро нафрлена полу висока топка во домашниот шеснаесетник најдобро се снајде Љубомир Ѓорѓиев кој со убав удар и го смени правецот и ја упати зад грбот на немоќниот Драган Мишовски.

Второто полувреме „жетварите“ го започнаа претпазливо чувајќи го тешко стекнатото водство и чекаа поволна прилика за да го загрозат домашниот гол. Таквата игра даде резултат во 68’ кога Христијан Крстов убаво се проби од десната страна, следуваше остар удар и нова радост за кочанчани. Но само по десет минути од вториот гол на гостите нова неизвесност на натпреварот внесе штотуку влезениот Бојан Ивановски кој со убав волеј-удар од шеснаесетникот најпрвин го погоди десниот дирек од кој топката заврши во мрежата зад немоќниот Симон Стојковски. По постигнатиот гол домаќините малку како да се подотворија за што беа казнети во 88’ кога Тоше Манов по досудениот пенал по трет пат ја затресе мрежата на „академците“ и го постави конечниот резултат 1:3.

Резултати од 16-тото коло:

„Академија Чешиново-Облешево“ – „Осогово“  1:3

„Брегалница сениори“ – „Рудар“  3:0

„Овче Поле“ – „Карбинци“  2:2

„Спартмани“ – „Вардарски“  2:2

„Дојранско Езеро“ – „Тиверија“  4:2

Слободна беше екипата на „Малеш“.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ