ВО ПОСЕТА НА ПАВЛЕ НИКОЛА СТОЈКОВ ЕДИНСТВЕНИОТ ЖИВ УЧЕСНИК ОД НОБ

јули 10, 2022
1 минути

Во рамките на своите програмски активности членови на претседателството на Сојузот на здруженијата на борците и продолжувачи на традициите од НОБ и антифашистичката револуција, Благој Димитровски, Пенчо Трајчев и Славица Цветкова на првиот ден од овој викенд (Сабота) го посетија единствениот жив учесник во НОВ во општината Чешиново–Облешево Павле Никола Стојков од селото Кучичино.

Стојков се родил на 25 јуни 1923 година во селото Кучичино. Во редовите на Народноослободителната војска се вклучил на 9 септември 1944.. Бил припадник на Тринаесеттата македонска ударна бригада. Учествувал во борбите за ослободување на Берово, Пехчево и Виница, а како припадник на Осмата дивизија на КНОЈ бил и дел од обезбедување на македонско-грчката граница на Македонија кај Гевгелија и Битола.

Одликуван е со Орден заслуги за народот со сребрени зраци. По демобилизацијата од Југословенската народна армија на 1 април 1947 година му се вратил на семејството и земјоделството од кое егзистенција и денес обезбедуваат членовите на неговото семејство.

Иако веќе го започна одот низ стотата година од неговиот живот тој сѐ уште е здрав и витален човек.

Не ја криеше радоста што сме гости во неговиот дом и со задоволство се потсети на неговото учество во НОБ и неговиот повоен ангажман во Месната заедница во родното место која беше една од најактивните во Кочанско.

Сојузот на здруженијата на борците од НОБ