АЛЕКСАНДАР ГИЦОВ „Портрет на еден архитект“
МЕСТО: НУЦК „БЕЛИ МУГРИ“ – КОЧАНИ
ВРЕМЕ: САБОТА, 30 СЕПТЕМВРИ 2023 Г.
13:00 ЧАСОТ
Почитувани,
Ве покануваме да присуствувате на свеченото отварање на хуманитарната изложбата „Портрет на еден архитект“, во чест и спомен на архитектот Александар Гицов. Неговото архитектонско творештво опфаќа бројни проекти низ македонските градови. На настанот ќе бидат изложени модели на дел од неговиот творечки архитектонски опус впишани во каталог посветен на неговото творештво.
Воедно, оваа изложба има хуманитарен карактер, со цел собирање на средства за донација на училишен прибор на учениците од социјално загрозените семејства.
Изложбата ја подготвија:
Марија Петрова – Фафа
Дејан Јанев
Сара Јованоска
Ахмед Пошка
Теодора Стеваноска
Кирил Кочоски
Викторија Прошева
Дени Илиов
Љупка Коцева
Ана Марија Ристиќ
Учениците од Училиште за цртање и сликање при НУЦК „Бели мугри“ – Кочани под менторство на м-р Александра Димитрова
БИОГРАФИЈА
Александар Гицов (1954-2021)
Александар Гицов е роден 1954 година во Кочани. Основното и средно образование ги завршува во Кочани. Дипломира под менторство на професорот Александар Никољски. Отпочнува и со последипломските студии на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград кај професорот Ранко Радовиќ. Едно време е соработник на Архитектонскиот факултет во Скопје. Но, потоа се повлекува. Се враќа во Кочани, и надвор од главните токови на македонската архитектонска сцена отпочнува со својата племенита и плодотворна работа.
На крајот од 1979-та година се вработува во ЗПУ „Панорама“ каде работи до 1988 година. Потоа во 1988 година основа приватна фирма „Арс-Д“ којашто ќе биде активна сѐ до 2000 година, кога и станува главен архитект на град Кочани. Од 2006 година работи во Општина Кочани на повеќе работни места, од раководител на комунално одделение до раководител на одделение за урбанизам и заштита на животната средина. Се пензионира од оваа функција во 2020 година, а кратко потоа починува во Америка во 2021 година.
Александар Гицов како архитект остави значаен белег во Кочани. Неговите стручни и уметнички способности беа препознаени и одликувани со Награда за животно дело од Опшина Кочани. Автентичната проектантска линија на Александар Гицов останува испишана во ритамот прозорци на преклопените квадрати на ЗОИЛ (Хотел City Inn) – Кочани, на стаклената обвивка на административниот објект на „Деликатес“ – Кочани, во разиграните коси кровови на училиштата во Берово, Ињево и Конче и пошироко. Александар Гицов ги милуваше сложените геометриски форми, косите кровови и ритамот на отвори и со голема вештина ги имплементираше на секој објект. Тој одржа лекција дека традиционалното градителско творштво има потенцијал да биде база за креирање на македонска архитектура со уникатен идентитет.