ВТОРА ФУДБАЛСКА ЛИГА, НА „ЖОЛТО-СИНИТЕ“ ИМ ПРЕСУДИ ПЕНАЛОТ

октомври 26, 2024
1 min read

Натпревар кој возбудувањата ги имаше дури после 80’ не заслужува да се рангира во второлигашките. Во Струмица во рамките на 9-тото коло „Беласица“ го совлада „Осогово“ со 1:0 (0:0).

Првиот дел помина во игра меѓу двата шеснаесетника со две-три полуприлики за гол. Во 13’ домаќините добро одиграа во гостинскиот шеснаесетник но одбраната на „Осогово“ навреме интервенираше и ја отсранија опасноста. На спротивната страна во 18’ по изведениот корнер за гостите од левата страна топката дојде до Паунов кој биеше од прва но лошо ја зафати топката и остана почетниот резултат. Во финишот на првото полувреме играчите на „Беласица“ се обидуваа со центар шутови да дојдат до некоја поволна прилика за гол, но залудно.

Се играше 56’ кога беше решен победникот. Домаќините беа во напад кој ништо опасно по голот за „жетварите“ не делуваше, но на уфрлената топка по земја стартуваа еден домашен играч и гостинскиот Стојанче Тренчев, до контакт дојде кога веќе топката беше 3-4 метри од двајцата но се слушна свирката на судијата Фатмир Бфто кој покажа  на белата точка. Играчите на „Осогово“ протестираа  барајќи објаснување од судијата но тој остана доследен на својата одлука а при тоа на гостинскиот играч му покажа жолт картон кој му беше втор и мораше да ја напушти играта. Пеналот сигурно го изведе капитенот Александар Милушев кој топката ја испрати во десниот дел на голот а голманот на гостите Ѓорѓи Јованоски отиде на другата страна.

Во 69’ домаќините можеа да ја удвојат предноста но по изведениот корнер еден домашен играч биеше со глава а Јованоски со пантерски скок ја исфрли топката во нов корнер.

Во 71’ „жетварите“ можеа да дојдат до израмнување, на една вратена топка надвор од домашниот шеснаесетник налета Паунов, биеше силно по земја но топката за неколку сантиметри покрај десниот дирек отиде во гол-аут.

Во 83’ и двете екипи имаа стопостотни прилики за гол. Најпрвин гостинскиот играч Стојче Стојов упати не така силен удар кон голот на домаќините, но голманот на „Беласица“ ја испушти топката а гостинските напаѓачи не беа присебни да ја уфрлат во празната мрежа. Следуваше контра по која домашниот играч Алекс Митров излезе сам пред голот на „осогово“ го помина и голманот Јованоски но беше непрецизен во завршниот удар. Само минута подоцна Домашниот играч Костадин капсаров иако беше сам пред противничкиот гол од осум метри биеше над голот.

Домаќините за малку ќе беа казнети. Во 87“ од само пет метри гостинскиот играч Марко Ефтимов биеше право во голманот Ѓорѓи Трајков  со што и последната надеж дека кочанчани ќе се вратат непоразени отиде во неврат.

За одбележување е дека во Струмица допатуваа неколку десетина навивачи од групата „Сејмени“ кои за време на целиот натпревар ги бодреа гостите но за жал нивната помош остана овој пат нереализирана.

Како и да е пораз кој боли, особено пред гостувањето на забревтаниот Охрид.

Резултати од 9-тото коло:

Беласица – Осогово  1:0

Брегалница – Вардар (Н)  2:0

Борец – Детонит Плачковица  0:0

Македонија ГП – Кожуф  3:0

Аресими – Скопје  0:0

Охрид – Вардарски  3:0

Башкими – Каменица Саса  2:1

Победа – Новаци  1:0

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ