БОРАЧИТЕ НА „СПАРТАК“ СЕ ВРАЌААТ НА СТАРИТЕ ПАТЕКИ

Во Спорт
јануари 30, 2022
1 минути

Само еден месец беше потребно по именувањето на Зоран Сребренов за Претседател на БК „Спартак“ и именувањето на нов тренер и нови членови на Управниот Одбор, да почнат0 работите во клубот да одат во нагорна линија.

Салата во која тренираат борачите е непрепознатлива од пред месец дена: со нови тоалети, избелени ѕидови и нова струњача се дел од првите нешта што се направија за да идните шампиони во борење имаат услови во кои ќе работат со задоволство. Клубот е екипиран по сите стандарди. Се работи добро за што сведочат веќе и првите резултати.

Имено, денес во салата на СОУ „Ристе Ристевски – Ричко“ во Прилеп, во организација на БФРСМ и техничка организација на БК „7 Мај“ – Прилеп се одржа „Изборно првенство во борење за мажи и жени  – јуниори/ки и У-20“. На првенството право на настап имаа момчиња и девојчиња родени 2002, 2003, 2004 и со специјален лекарски преглед родени 2005 година.

Екипата на БК „Спартак“ од Кочани на првенството се појави со четири свои натпреварувачи од кои на крајот двајца се изборија за  второто место, а двајца се пласираа на  петтото место.

Марија Христова во категоријата до 55 килограми беше втора, а второто место го освои и Андреј Петков во категоријата до 92 килограми.

На петтото место се пласираа Дејан Митев – категорија до 65 килограми и Петар Иванов – категорија до 79 килограми. Во отсуство на првиот тренер Влатко Соколов и неговиот помошник Зоран Сребренов, експедицијата во Прилеп ја водеше Александар Павлев инаку член на УО на БК „Спартак“.

С. Ивановски