Нова сигурна игра на „Осогово“ и нови три бода. „Жетварите“ не запираат, продолжуваат да играат фудбал а како резултат на таквата игра стигнаа и до седмата пролетна победа. Овој пат во Кочани оружјето го положи екипата на „Тетекс“.

Денес во рамките на 25-тото коло од Втора Фудбалска Лига „Осогово“ како домаќин ја совлада мошне добрата екипа на „Тетекс“ од Тетово 2:1 (1:1). „Штоферите“ пред кочанската публика се претставија како мошне добра екипа, составена од добри поединци на кои им недостасува колективноста.
„Жетварите“ победија и овие три бода значат многу за зацврстување на позициите во горниот дел на табелата. „Тетекс“ загуби, но се претстави како најдобар состав што оваа пролет гостувал на стадионот „Никола Мантов“.

Резултатот беше откриен во 26’. Гостите беа во напад кога топката надвор од шеснаесетникот ја прими капитенот Меритон Салији појде чекор-два на нело и со левата нога испрати вистински проектил кон голот на домаќините а топката заврши во левиот горен агол.

Сепак на одмор се отиде без предност на која и да е екипа. Се играше 33’ кога беше досуден слободен удар за домаќините на десната страна од игралиштето. Следуваше остар центар-шут во петерецот на тетовчани, на топката натрча Дамјан Стојковски ја зафати колку да и го смени правецот и таа отседна во мрежата на помалку изненадениот гостински голман.

Победникот беше решен во 67’. Ветеранот Драган Паунов како виор полета од десната страна, следуваше школски изведен центар-шут Филип Диимоски мошне итро ја врати малку нанзад до осамениот Поп Антоски Христијан, следуваше силен уф=дар и топката по средината на голот заврши зад грбот на Амар Хаџибулиќ.
Пред и по победоносниот гол за домаќините и двете екипи имаа шанси за постигнување на погодок но на крајот остана 2:1 за „Осогово“.

Резултати од 25-тото коло:
Осогово- Тетекс 2:1
Шкендија (А) – Победа 5:0
Беласица – Кожуф 0:0
Слога 1934 – Вардар 3:3
Детонит Плачковица – Брегалница 0:1
Големо Коњари – Новаци (натпреварот се игра во Недела)
Скопје – Каменица Саса 7:0
Охрид – Преспа 6:1

С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
