„ОСОГОВО“ ДО БОД ВО СУДИСКОТО НАДОПОЛНУВАЊЕ

Во Спорт
август 24, 2024
1 минути

Во натпревар од 02. коло во Втората Фудбалска Лига, по сончево време и пред 200 гледачи „Осогово“ и „Скопје“ одиграа 1:1 (0:1)

Гледачите денес беа сведоци на еден просечен натпревар во кој првото полувреме им припадна на гостите а второто на домаќините.

Во натпревар без шанси и посериозен удар кон голот на противникот, гостите поведоа во 21’. Гостинските играчи пресекоа една акција на домаќините и во празно беше проигран Петре Тасевски кој мошне итро ја избегна офсајд стапицата и тргна кон голот на домаќините, кога дојде на 7-8 метри биеше во левиот горен агол на немоќниот Ѓорѓи Јованоски.

До крајот на полувремето домаќините се обидоа по едно нафрлување од корнер на втората статива да го израмнат резултатот, но топката заврши во надворешниот дел од мрежата.

Во второто полувреме некои измени кај „жетварите“ покажаа една нова димензија, желбата да постигнат гол беше голема. Беа создадени неколку шанси а еднаш домаќините ја погодија и пречката, наспроти гостите кои се затворија и чекаа некој кикс на одбраната на домаќините да дојдат до евентуално нов погодок. Таква шанса имаа на дваесетина минути пред крајот на натпреварот но еден гостински играч иако беше сам пред Јованоски биеше над голот.

И кога сите очекуваа крај на натпреварот и нова нула на контото на кочанчани стигна радоста на стадионот „Никола Мантов“. Во една мешаница пред противничкиот гол најдобро се снајде штотуку влезениот Филип Јованов кој од 5 метри биеше со глава под самата прека и го совлада немоќниот Александар Игески.

Кога се ќе се собере ниту една екипа не заслужи повеќе од освоениот бод.

Резултати од 02 коло:

Осогово – „Скопје  1:1

Вардар (Н) – Беласица  2:2

Охрид – Аресими  2:4

Победа (П) – Борец  5:0

Новаци – Брегалница  0:2

Каменица Саса – Детонит  0:2

Вардарски – Кожуф  1:3

Башкими – Македонија ГП (неодигран)

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ