ЗОРАН СРЕБРЕНОВ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА БК „СПАРТАК“

Во Спорт
декември 20, 2021
0 минути

Изминатата седмица најтрофејниот клуб во општината, Боречкиот Клуб „Спартак“ одржа Изборно Собрание на кое беше избран нов претседател, секретар а и други органи на клубот.

За нов претседател на клубот е избран Зоран Сребренов, кој е дете на „Спартак“ а додека функцијата секретар ќе ја извршува Гоце Ангелов.

Факт е дека БК „Спартак“ го живее најтешкиот период од неговото постоење, без борачи, без настапи во континуитет на натпреварите во државата, без настапи на меѓународната сцена и со сала во која условите за работа одвај би добиле преодна оцена.

Кој е виновен за ова состојба? Виновници нема, виновно е времето во кое живееме, време во кое од календарот за настапи се исфрлија лига натпреварите и се сé сведе на два до три државни турнири во кои и да сакаме да имаме големи остварувања нема да можеме бидејќи се е сведено на шест дена настапи во годината.

Новото раководство јавно ги повикува сите вљубеници во борењето и пошироко да им се придружат и секој да даде свој придонес борењето да почне да застанува на здрави нозе а подоцна и да се дојде до посакуваните резултати.

Засега во клубот тренери кои ќе работат со борачите се Зоран Сребренов и еден од најуспешните борачи од Кочани Влатко Соколов, а во најбрз можен рок ќе се изврши реконструкција на спортската сала, наменета исклучиво за борење, се со цел навистина да има добри услови за работа.

С. Ивановски.