Се одиграа натпреварите од 11-тото коло во Втора Фудбалска Лига – Исток. Несомнено е дека натпревар кој го привлече најголемото внимание на фудбалската јавност не само на истокот, туку и пошироко беше комшиското дерби „Осогово“ – „Слога 1934“. По завршувањето на натпреварот кога ќе се сумира се она што денес се случуваше на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани пред повеќе од илјада гледачи е дека дербито се играше само во првото полувреме, додека во вториот дел растрчаните момчиња во жолти дресови не им дозволија на виничани око да отворат, секогаш беа побрзи на топката, беа подобри и поцврсти во дуел играта и што е најважно од сé, добро скокаа во гостинскиот шеснаесетник и постигнаа три погодока со глава.
Во првото полувреме се играше борбено но неефикасно. Домаќините носени од „Сејмените“ ја имаа првата шанса за гол. Во 12’ Манов убаво се проби по левата страна но од мртов агол биеше во надворешниот дел од мрежата. Само две минути подоцна Ќазимов иако беше сам пред гостинскиот голман биеше но Јованоски одбрани исфрлувајќи ја топката во корнер. Во 27’ гостите ја имаа првата најголема шанса но ја погодија само пречката. Во 35’ домашниот голман Иванов одлично го одбрани слободниот удар на Иванов од спротивната страна, одбивајќи ја топката за потоа со нова прекрасна интервенција ја исфрли во корнер.
Во вториот дел рапсодија во жолто. Како да играше само еден тим, домаќините доминираа во сите сегменти на фудбалската игра и постигнаа три погодока, а да беа малку посконцентрирани пред гостинскиот гол можеше резултатот да биде и повисок.
1:0 57’ – По изведениот корнер од десната страна највисок во букетот играчи беше Иван Мицевски и со глава го совлада овој пат немоќниот Јованоски.
2:0 – 77’ Домаќините изведоа убава акција по десанта страна, следуваше употреблив центаршут, Тоше Манов ја зафати остро нафрлената топката со глава и го смени правецот и таа заврши во десниот долен агол на немоќниот Јованоски.
3:0 87’ – Ќазимов доби топка кај центарот, со брзи чекори успеа да излезе сам пред Јованоски, биеше но овој ја исфрли топката во корнер. По корнерот највисок во противничкиот шеснаесетник беше Иван Мицевски и по втор пат по удар со глава ја спроведе топката во мрежата на „Слога 1934“.
До крајот „жетварите“ имаа уште една прилика за гол но предолго чекаа и шансата пропадна. Се на се, добар натпревар во кој „жолто-сините“ го декласираа лидерот на табелата „Слога 1934“ совладувајќи го со 3:0 (0:0).
Резултати од 11-тото коло:
„Осогово“ – „Слога 1934“ 3:0
„Локомотива“ – „Каменица Саса„ 0:0
„Детонит“ – „Кит Го“ 1:0
„Беласица“ – „Братство“ 2:0
„Победа“ – „Кожуф“ 3:1
Водството го презеде „Победа“ со 26 бода, пред „Слога 1934“ 25, „Каменица Саса“ 21, „Беласица“ 20, „Кит Го“ 16, „Осогово“ 14, „детонит“ 13, „Кожуф“ 12, „Локомотива“ 5 и „Братство“ 4.
С. Ивановски