ПО ПОДОЛГО ВРЕМЕ НА СТАДИОНОТ „НИКОЛА МАНТОВ“ ЕЧЕШЕ. „АВАНТИ, АВАНТИ ОСОГОВО“

Во Спорт
ноември 20, 2021
1 минути

Дерби натпреварот од  11-тото коло во Втората Фудбалска Лига – Исток се одигра во Кочани.

На стадионот „Никола Мантов“ по сончево и мошне пријатно време за игра се собраа повеќе од илјада гледачи од кои голем број беа дојдени и од соседната Виница.

Помошта која „жолто-сините“ ја посакуваа на овој натпревар беше присуството на „Сејмените“. Посакаа, и желбата им се оствари.

Носени од нивното бодрење „жетварте“ го одиграа најдобриот натпревар во досегашниот тек на сезоната. Во сите сегменти на фудбалската игра го надиграа ценетиот гостин и на крајот сосема заслужено му нанесоа висок пораз.

По долго време од трибините се слушаше препознатливото „Аванти, аванти, Осогово“ а играчите на „Осогово“ знаеја да им возвратат на Сејмените кога по последниот свиреж на мошне добриот судија  Јосип Бартон,  со аплауз и респект им се заблагодарија за поддршката што ја добиваа за време на целиот натпревар.

„Осогово“ и „Сејмените“ се нераскинлива врска која со години трае, трае, и секогаш ќе трае.

С. Ивановски