ЗАВРШЕН ДЕН ОД „ДЕНОВИ НА КОЧАНСКИОТ ОРИЗ 2023“

октомври 1, 2023
1 min read

Со зажнејувањето на оризовите полиња во атарот на село Мојанци, денес се спушти завесата на годинешната 32. по ред културна манифестација „Денови на Кочанскиот ориз 2023“.

Честа да го ожнее првиот сноп и припадна на годинешната „Жетварска убавица“ Моника Миткова, а веднаш по неа зажнеаја и нејзините придружнички, Стефанија Соколова, и втората, Ивона Ефтимова.

Манифестацијата од оризовите полиња се префрли на гумното каде на начин како години и години нанзад започна вршидбата.

На крајот пред да запоне културно-забавната програма беше прогласен најуспешниот оризопроизводител за 2022 година. Признанието и наградата од 60 илјади денари на најуспешниот оризопроизводител за 2022 година Митко Стојанов од Кочани му го врачи Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.

По завршувањето на културно-забавниот дел за кој беа задолжени учениците од ООМУ „Ристо Јуруков“ и  ФА „Љупчо Сантов“, гостите ги вкусија специјалитетите од ориза кои беа изготвени од вештите домаќинки на село Мојанци.

С. Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ