Средното техничко училиште „Гошо Викентиев“ го отвори новиот тренинг-центар за PLC-програмирање, како заедничка иницијатива на училиштето, „Амфенол технолоџи Македонија“ и Активностите на УСАИД – Партнерства за економски раст и Млади кои активно создаваат можности.
Центарот за обуки e опремен со најсовремените PLC-уреди, најразлични видови сензори и целосна релејна и пневматска опрема, а професори од училиштето и вработени од компанијата учествуваа на обука за користење на опремата. Вкупната инвестиција изнесува 40 илјади американски долари, а СОУ „Гошо Викентиев“ учествува со реновирање и подготовка на училницата и обезбедување на компјутерската опрема. Воспоставена е и нова електрична и пневматска инсталација и маси кои создаваат реален работен простор. PLC-уредите се базирани на микропроцесори кои се користат за автоматизација на скоро сите современи машини во индустријата.
На свеченоста по повод отворањето на Тренинг-центарот, се обратија директорот на СОУ „Гошо Викентиев“ Владо Симеонов, директорот на „АТМ“ Сашко Наков и директорот на канцеларијата на УСАИД за економски развој Кристофер Доџ, кои ги истакнаа придобивките од оваа инвестиција. Таа на учениците ќе им овозможи да стекнат знаења и вештини од областа на PLC-програмирањето, а по завршувањето на образованието ќе биде можност за вработување во приватниот сектор. Од друга страна, приватниот сектор ќе добие веќе обучена, висококвалификувана, дефицитарна работна сила.
Центарот за обука за PLC-програмирање претставува продолжување на долгогодишната соработка помеѓу УСАИД, приватниот сектор и образовните институции во насока на развој на работната сила и растот на продуктивноста на компаниите.
Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ