СО СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ОДБЕЛЕЖАН ПАТРОНИОТ ПРАЗНИК НА ОУ „КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ“ ОД ОРИЗАРИ

ноември 15, 2024
0 min read

Основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари го прослави својот патронен празник, посветен на еден од најголемите македонски просветители и јазичари. Празникот беше проследен со бројни активности во чест на Мисирков, чие име училиштето го носи како симбол на посветеноста на образованието и чувањето на македонскиот јазик и култура.

Училиштето „Крсте Петков Мисирков“ беше домаќин на учениците, наставниците, родителите, како и локалната заедница, кои заедно ги одбележаа овие важни моменти.  По повод празникот, организирани беа различни активности, вклучувајќи презентации, литературни конкурси и драмски изведби на учениците, кои на најдобар начин ја покажаа љубовта и почитта кон ликот и делото на Мисирков.

Патрониот празник беше насловен како „Учениковизија“ со изведба на најпознатите евровизиски хитови.

Директорката на училиштето, Милева Богданова истакна дека празникот е од големо значење не само за училиштето, туку и за целата заедница.

„Ви благодарам што одвоивте време да дојдете на оваа наша свеченост и заеднички да оддадеме почит на нашиот патрон Крсте Петков Мисирков. Вечерва го славиме раѓањето на кодификаторот на македонскиот литературен  јазик и правопис Крсте Петков Мисирков.  Нашето училиште континуирано бележи успеси од самиот почеток па до денес. Се афирмираме на сите полиња и активно учествуваме во различни проекти од општинско, регионално, државно и меѓународно ниво. Морам да истакнам дека задоволството е големо кога си раководител на училиште во кое постои одлична клима за работа и учење. Постигнатите успеси се заеднички на сите вработени, ученици и родители кои како големо семејство даваат заеднички придонес во постигнувањето на резултатите. Сакам да упатам голема благодарност за работата на наставниот кадар, за вложеноста во наставно образовниот процес, како и за посветеното работење на своите професионални обврски. Исто така сакам да им се заблагодарам на учениците за големата одговорност, соработка и трпение. Само на ваков начин докажуваме дека заедно можеме и сакаме да живееме, учиме и создаваме! Нека ни е честит празникот, за многу години“, рече Милева Богданова, директорка на ОУ „Крсте Петков Мисирков“.

Учениците од прво до деветто одделение блеснаа на сцената и преку своите музички точки зборуваа за сплотеноста, за љубовта, за другарството, меѓусебното разбирање и порачаа насекаде да има насмевки и музика. На свеченоста со свој прилог се претставија и учениците од новоформираниот медиумски клуб „КПМ ПРЕС.

Салата на училиштето беше исполнета до последно место, а учениците за своите изведби добија силен аплауз. Во понеделник по повод патрониот празник на бистата на патронот Крсте Мисирков во училишниот двор ќе биде положено свежо цвеќе.

ОУ „Крсте Петков Мисирков“

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ