За време на викендот во Пореч (Република Хрватска), Претседателот на БФРСМ Дејан Богданов, Техничкиот Секретар Драгана Савева и член на Управниот Одбор Викторија Кукушев присуствуваа на заеднички состанок со Претседателот на Хрватската Боречка Федерација Влаго Бреговиќ и Претседателот на Боречката Федерација на Србија Жељко Трајковиќ.
Инаку ова беше првиот состанок на кој се дебатираше за проектот кој трите федерации ќе го спроведуваат заедно со еден Боречки клуб и Сојуз од Загреб.
Овој проект е прв од ваков вид на кој зема учество и БФРСМ, а истиот е регионален и финансиски покриен од Европската Унија, односно Еразмус + програмата за спорт.
Проектот ќе трае 24 месеци а со него ќе бидат опфатени млади надежни спортисти, како и спортисти со помали финансиски можности, како момчиња, така и девојчиња.
„Wrestling Akademy for Positive Values“ е името на новиот проект кој што го подготвуваат трите држави заедно.
На оваа академија ќе бидат опфатени 60 млади надежни спортисти и 30 тренери од сите држави подеднакво, односно 20 спортисти и 10 тренери од секоја држава посебно.
Експерти ќе ги обучуваат младите за важни теми од типот: анти допинг, исхрана, заштита од повреди и фер-плеј.
Првиот состанок сега се одржа во Пореч (Хрватска) а следниот ќе биде во месец Септември во Србија каде ќе биде и првата обука. Во Македонија обуката е планирана за месец Февруари 2023 година а додека последната обука ќе се одржи во месец Мај 2023 година во Хрватска.
С. Ивановски