БОРАЧОТ РАСУЛ ШАПИЕВ СПОРТИСТ НА КОЧАНИ ЗА 2023

Во Спорт
јануари 23, 2024
1 минути

Вечерва во Хотел „Национал“ во Кочани се одржа церемонијата на прогласување на најуспешните спортисти на Кочани за 2023 година.

Манифестацијата „Спортист на Кочани за 2023“ го организираше Општина Кочани а гласањето беше спроведено од пет члена комисија во состав: Лазо Димитров (ТВ Кочани), Илија Стефановски (Радио Кочани), Тања Велкова (sito.mk), Драган Николов (самостоен новинар) и Лаура Стојанова (М нет)

За годинешната манифестација клубовите предложија шест спортисти во сениорска конкуренција, но комисијата двајца елиминираше бидејќи не настапуваат за екипи од Општина Кочани. За најдобар спортист на Кочани е избран Расул Шапиев (БК Спартак), на второто место се најде Наталија Карова (Карате клуб Кочани), трети е Мартин Андонов (КГС Кочани) а четврти Илија Охомуш (Карате клуб Кочани).

Во младинска конкуренција иако беше најавено од страна на организаторот рангирање според постигнатите резултати сепак сите 15 предложени млади спортисти добија признанија, а на самата манифестација уште седуммина членови од ФК „Осогово“.

Признанието „Најдобар тренер“ му припадна на Игорчо Каров (Карате клуб Кочани), а ПСК „Осогово“ го доби признанието  „Најдобар клуб“.

 

За најуспешен спортски работник е прогласен Александар Андов, а за „Спортска личност за 2023 година“ признанието му припадна на Лазар Захариев кој настапува во „Пауерлифтинг бенч прес“ категоријата.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ