БРОЈОТ НА ЖИТЕЛИТЕ ВО ОПШТИНА КОЧАНИ СЕ НАМАЛИЛ ЗА 17%, ВО ВИНИЦА ЗА НАД 27%, ЗРНОВЦИ Е НАЈМАЛА ОПШТИНА ВО ДРЖАВАТА

март 30, 2022
1 минути

Сериозно намалување на бројот на жителите во сите општини во Источниот плански регион покажуваат податоците од пописот на населението, домаќинствата и становитте што се спроведе минатата година. Во општина Кочани живеат околу 6.500 жители помалку во споредба со 2002 година, што е намалување за 17%. Во општина Виница падот е уште поголем во споредба со последните официјални податоци од пред 20 години, односно недостасуваат близу 5.500 жители или над 27% од населението. Слична е состојбата и во двете соседни рурални општини, односно во Чешиново-Облешево вкупниот број на жители е помал за нешто повеќе од 2.000, а во Зрновци недостасуваат близу 1.200 лица, што е околу 35% помалку од пред две децении

Во однос на етничката структура на населението, во општина Кочани близу 85% се Македонци, 6% се Роми, а останатите се Власи, Турци, Срби и останати. Во Виница пак, како Македонци се изјасниле 82,5% од вкупниот број жители, 5% се Роми, а останатите се од другите етнички заедници.

Резултатите од пописот на прес-конференција официјално ги соопштија од Државниот завод за статистика, при што беше истакнато дека и на ниво на држава има намалување на вкупниот број на население.

-Вкупното попишано население изнесува 2.097.319 лица, а вкупното резидентно население изнесува 1.836.713 лица. Од вкупно попишаните, 54,2% се изјаснети како Македонци, 29,5% како Албанци, 3,86% како Турци, 2,5% како Роми, 1,3% како Срби, 0,87% како Бошњаци и 0,47% како Власи. Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а бројот на станови е 839.174. Според бројот на жители најмала е општината Зрновци со 2.086 жители, а најголема е Куманово со 98.104 жители, истакна директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Според пописот, во општина Кочани има 31.602 резидентни жители, во Виница живеат 14.475, во Чешиново-Облешево 5.471, а во Зрновци 2.086 лица.

Пописот на населението, домаќинствaта и становите, што се смета за најголема статистичка операција во државата, се спроведе од 5 до 30 септември. Претходно беше предвидено тој да се реализира од 1 до 21 април, но беше одложен поради состојбата со коронавирусот и потребата од имунизација на населението.

ИЗВОР: ТВ  Канал 8