ДЕЦА ОД ГРАДИНКИТЕ ДА ГО ПРАВЕА, ПОДОБРО ЌЕ ИЗГЛЕДАШЕ

април 18, 2022
0 min read

Проектот „Регулација на коритото на дел од „Кочанска река“ кој води низводно од последниот мост на реката па се до м.в. „Бавчалук“ требаше да даде еден нов многу поубав изглед на овој потег од градот. За жал денес местото изгледа повеќе тажно, отколку убаво.

По неколку месеци од завршувањето на проектот сите недостатоци излегоа на виделина без да има некој желба да реагира кај изведувачот (АТП од Свети Николе) и сето тоа да го направи онака како што е пропишано во договорот, бидејќи за тоа има добиено финансиски средства.

Левата страна на кејот посебно потпорниот ѕид кој требаше да биде целиот обложен со камен е крпеница. Поради свлекување на земјиштето уште за време на изградбата на местото каде што беше оштетен се закрпи со бетон и сега изгледа онака како што изгледа.

Патеката од десната страна на кејот е на повеќе места нерамна но „бодат во очи“ скалите кои од улицата се до шеталиштето на кејот. Да се направи нешто толку непрофесионално е за осуда, па деца да се собереа од детските градинки ќе го направеа со подобар изглед отколку што ги направи изведувачот.

Дали некој му потпишал Конечна пресметка на изведувачот и дали го е примил проектот онака како што е направен не сакаме да навлегуваме, но парите да ги земе некој што беа наменети за овој проект а е обичен фушерај и се обезбедени од „Светска банка“ и дел од Општина Кочани е повеќе од нечесно.

С. Ивановски