ДЕСЕТТА ЈУБИЛЕЈНА РЕЦЕНЗИЈА НА ЛЕНЧЕ СТОИМЕНОВА

октомври 25, 2021
1 минути

Роднокрајната авторка – поет, писател, афористичар и карикатурист  Ленче Стоименова по десетти пат стави потпис на своја рецензија. Се работи за романот ,,Патот до себе,, од Душко Ивановски од Делчево, кој со своето семејство 23 години живее и работи во Лондон. Романот ја доживеа својата прва промоција во Неделата (24.10.2021) во  Yiewsley&West Drayton community center во Лондон ( 13: 30h.)

Ова е прво книжевно издание на авторот Ивановски, иако имаше и еден обид за аудио издание под наслов „Клучот на успехот во новиот милениум,, кое не доживеа своја поширока промоција.

Патот до себе,, е роман од 160 страници кој се чита во еден здив. Авторот Душко Ивановски знае одлично да ракува со зборот, умешно да склопи приказна, да даде јасна слика за едно време преживеано, доживеано и на крајот сето тоа да го поврзе со суптилна психолошка нишка на која никој не останува рамнодушен. Ова е книга забавна за читање и лесна за разбирање. Стожерот на приказната е едно семејство кое живее едноставен живот како и сите дрги во мала селска средина. Посебно е истакнат ликот на мајката Севда, која како жена, во тоа време, со значително помалку права во споредба со мажот, со дарба за духовен учител успева да изврши големо влијание брз своите деца. Таа дарба најмногу ја пренесува на синот Симеон кој ќе не води низ целиот роман, бидејќи и тој како и секој жив човек е во потрага по патот до себе.

Авторот го води читателот низ емоциите и преживувањата на ликовите, откривајќи ја нивната свесност за сопствените блокади и слабости, и му дава можност на читателот да се надмине самиот себе.

Иако ова се случува 1943 година, така мајсторски се поврзани случувањата, така што проблемите остануваат исти до денешни дни. Патот до себе се барал од памтивека, а и денес е така. Според авторот, тоа е единствениот вистински пат во животот, кој, откако ќе се пронајде друг пат повеќе и не се бара.

Издавач и печат: Европа 92 – Кочани, Лектор: Александар Димитров