Инкасаторската служба при КЈП „Водовод“ – Кочани од денес е во нови униформи со помош на кои ќе бидат полесно препознатливи кај граѓаните.
Главниот проблем кој граѓаните го имаат со КЈП „Водовод“ – Кочани е нередовното читање на водомерите и фактурирањето на потрошената вода.
Антониот Паунов – директор на КЈП Водовод – Кочани по тој повод изјави: „Во врска со реорганизација на инкасаторската служба сакам да потенцирам неколку моменти. Иако сум неполни три месеци на оваа позиција мое согледување е дека најголемиот дел од проблемите кои ги имаат граѓаните со нашето комунално претпријатие е нередовното читање на водомерите, односно количините на непотрошена вода. Затоа ја реорганизираме, односно ја ребрендинираме нашата инкасаторска служба се со цел редовно месечно читање на водомерите, како прв чекор за постепено елиминирање на проблемите кои нашите сограѓани ги имаат со нашето комунално јавно претпријатие“.
Околу новите униформи со кои се облечени инкасаторите Паунов беше дециден: „Не случајно инкасаторите се брендирани со нови униформи. Со новите униформи како прво тие ја претставуваат фирмата а како второ лесно се препознатливи кај граѓаните кои ќе знаат дека нашите служби се на терен, дека континуирано ја вршат работата за која се поставени од исчитувањето на водомери, откривање на злоупотреби на вода, пријавување на истите и доведување во ред на неисправноста на водомерите. Се надевам дека во иднина граѓаните лесно ќе ги препознаваат нашите инкасатори и ќе можат многу полесно да комуницираат со нив“.
С. Ивановски