Според најавите на управата на кочанскиот второлигаш подготовките за натпреварите во втората фудбалска лига ќе започнат во Среда (05 Јули).
И кога би отишол некој на стадионот „Никола Мантов“ сигурно ќе добие впечаток дека кочанчани „спремни“ ќе ги започнат подготовките а со тоа и стартот на првенството.
Шегата на страна, стадионот „Никола Мантов“ и неговата околина личат на се, само не на арена каде ќе треба да се тренира а подоцна и да се играат натпревари. Од три страни околу стадионот има висока трева па нема да биде чудо ако некоја змија или друга влечуга се појави во соблекувалните или на теренот, нешто што во минатото се случуваше. Од северната страна ѕидот е доста оштетен па секој може кога ќе посака да влезе на теренот и да рекреира.
Кога ќе се влезе на самиот стадион приказната е застрашувачка. Теренот е нерамен, тревата не е окосена, а зад головите висока трева да го е страв играч да појде и да ја бара топката доколку отишла во густежот.
На дел од трибините израсната е трева, оградата почнала да р’ѓосува а влезните метални врати да го е страв човек да помине низ нив.
Епа пријатели мои, Вие на кого ви се довери да го водите клубот низ немирните второлигашки води, време е да ги засукате ракавите и сите недостатоци да ги отстраните. Да го подгответе теренот и неговата околина за да можат играчите спокојно да тренираат. Да ја средите околината на стадионот за да има оние што ќе сакаат да ги следат натпреварите безбедно да си ги паркираат возилата. Трибините да се исчистат бидејќи таму ќе доаѓа публика која со платената влезница ќе сака убави услови за следење на натпреварите. Дотерајте ги двете метални влезни врати за да не биде потоа доцна.
Направете го сето тоа бидејќи „Осогово“ еден од фудбалските брендови во Македонија кој следната година ќе слави еден век постоење заслужува и тој и неговите верни навивачи да имаат услови кои ќе покажат дека сме во 21 век.
Сторете го тоа за доброто на сите.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ