Доктор Бошко Томовски, специјалист невропсихијатар, гостуваше во Кочани со трибина на тема „Нема поголема болка во човекот од болката во неговата душа“. Настанот што се одржа во ЈОУБ „Искра“, беше посветен на процесот на заздравување по трагедијата во „Пулс“, а присутните граѓани, стручна јавност и претставници од Здружението „16 март 2025 – Кочани“ имаа можност да разговараат за состојбите и болките со кои се соочуваат по загубите и повредите на блиските.

Д-р Томовски истакна дека негов мотив за посетата е поддршката и емпатијата кон семејствата и граѓаните, посочувајќи дека болката, стресот, анксиозноста и траумите бараат внимание и поддршка, а во тешкиот процес на справување со загубата е важноста од споделување на емоционалната болка.

Градоначалникот Владко Грозданов нагласи дека и покрај надворешната сила што ја прикажуваат жителите на Кочани, потребна е континуирана поддршка. На д-р Томовски му врачи благодарница за поддршката во закрепнувањето на Кочани. Директорката на „Искра“, Кристина Ѓорѓиевска Атанасова ја изрази подготвеноста на институцијата за натамошна поддршка во процесот на заздравување. Модератор на трибината беше Магдалена Кочовска Салтирова, библиотекар советник во ЈОУБ „Искра“.

На крајот од настанот, д-р Томовски донираше примероци од својата книга „Нема поголема болка во човекот од болката во неговата душа“ и како чин на солидарност го стави на располагање своето 42-годишно докторско искуство во поддршка на семејствата на загинатите и на повредените во трагедијата.
Настанот го организираше Општина Кочани во соработка со ЈОУБ „Искра“ – Кочани.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
