Со темата во „Светот на бајките” претставена од учениците од ОУ „Крсте Петков Мисирков” и со положување цвеќе на бистата беше одбележан патрониот празник на училиштето.
Учениците и наставниот кадар се потрудија да го претстават чудесниот свет на фантастичното исполнет со волшебни суштества и успеаја за миг да ги вратат возрасните во детскиот живот на бајките.
Преку претставувањето на Снежана и седумте џуџиња, Аладин и волшебната ламба, пиратите и ледената кралица, на свечената академија по повод празникот направија вистинско ремек дело и упатија порака „Никогаш да не излегуваат од детскиот магичен свет” и дека „На крајот секогаш победува доброто”.
Поздравен говор имаше директорката на училиштето Соња Иванова, а пред присутните во преполната училишна сала се претстави и хорот и оркестарот на училиштето кои ја изведоа и државната химна.
На бистата пред патронот Крсте Петков Мисирков цвеќе положија градоначалникот на општина Кочани Љупчо Папазов, и претставници од општината и училиштето.
По пауза од две години, кога заради епидемијата не се организираа свечени академии и фактот дека салата беше исполнета до последно место, јасно покажа дека вакви настани се повеќе од потребни.
ОУ „Крсте Петков Мисирков“