Во пријатна атмосфера, со многу позитивни чувства и впечатоци од преубавите стихови, во ЈОУ Библиотека ,,Искра” беше промовирана најновата поетска збирка ,,Македонија во стих и спомен” од роднокрајниот автор Далибор Стојанов.

Збирката е составена од четири циклуси песни, кои авторот ги посветува и за кои инспирацијата ја црпи од убавините на Македонија, богатата историја, културното наследство, богатата народна традиција, творештво, големиот број херои и јунаци. Збирката е посветена и наменета на сите кои ја сакаат Македонија.

Промотор на делото беше м-р Доне Донев. Модератор м-р Марина Гоцевска.
Рецензијата на поетската збирка е на Проф. д-р Виолета Ачкоска.

Понесени од впечатоците и силните емоции преточени во стиховите од збирката ,,Македонија во стих и спомен”, споделуваме една од песните:
МОЖЕШ ЛИ ДА НЕ ЈА САКАШ
Можеш ли да не ја сакаш,
кога ќе ги видиш булките во ливадите
како водат љубов со пчелите.
Можеш ли да не ја сакаш,
кога планините се извишуваат кон небото,
а реките жуборат како разбеснети водопади.
Можеш ли да не ја сакаш,
кога тапан ќе чукне, зурла ќе писне,
а оро водат момче и девојче.
Можеш ли да не ја сакаш,
кога знаеш дека во неа се раѓаш,
за неа живееш и копнееш,
за неа – за нашата Македонија.


ЈОУ Библиотека ,,Искра”
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
