Регионалниот актив на новинари „Исток“ по втор самостојно, ја организираше традиционалната манифестација на која беа врачени признанија на институции, стопански организации и поединци кои со своите остварувања ја одбележаа 2021 година.
ЖИВОТНО ДЕЛО: Највисокото признание наградата за животно дело му е доделено на новинарот ИВАН БОЈАЏИСКИ за 60 години новинарска кариера која сеуште трае и за објавени над 25.000 новинарски текстови од регионот.
ЗДРАВСТВО: Во областа на здравството признанието му е доделено на др. ДИМИТАР КОЖУХАРОВ, специјалист по урологија, раководител на уролошкото одделение при Клиничка болница Штип.
НАУКА: Признанието за посебни остварувања во науката новинарите решија да му го доделат на проф. д-р ДЕЈАН МИРАКОВСКИ, доктор на технички науки, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ за неговата посветена работа со студентите, за вспоставените односи на релација образование-стопанство и за лабораторијата Амбикон за мерење на квалитетот на воздухот во државата.
СТОПАНСТВО: МЕБЕЛ ВИ – Виница, за најголема фирма производтел на мебел во државата, за континуиран развој, вработување на 200 лица, и бројните иновации во произвиодството на современ мебел кој се извезува во 11 држави.
МЕНАЏЕР НА ГОДИНАТА: ДАФИНКА ДИНА МУЦУНСКА, генерален менаџер на хотел ресторанот Манастир во Берово стана носител на признанието за менаџер на 2021 година, дама која со репрезентативниот туристичко-угостителски објект квалитетно раководи од 2004 година.
КУЛТУРА: М-р ТРАЈЧЕ КАЦАРОВ, е најдоброто во регионот во културата за 2021 година за своите 35 години активно творештво, за над 50 издадени книги и за наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2021 година, поемата Цветко, за неговите драи играни во повеќе држави во Европа.
АРХИТЕКТУРА И УРБАНИЗАМ. СТУДИО АТРИУМ-Штип за за урбанистичките и архитектонски решенија во индустриските зони во Македонија и, посебно, за станбениот комплекс Грин Гарден во Штип кој понуди една поинаква филозофија на домување.
НАСТАВНИК НА ГОДИНАТА: ОЛИВЕРА КРАТЕВСКА, наставничка во ООУ „Ванчо Китанов“-Пехчево од Пехчево за посветената работа со учениците во повеќе сегменти значајни за воспитанието и образованието на децата.
ОБРАЗОВАНИЕ: ОМУ „РИСТО ЈУРУКОВ“ – Кочани за 66 години континуиран успех во музичкото образование на учениците и високиот квалитет кој го остварува сите овие години.
СОЛИДАРНОСТ: Противпожарните бригади од Австрија, Словенија и Бугарија добија признанија за солидарност за нивното учество во гаснењето на пожарите во Малешевијата кога дојдоа да и помогнат на Мслешевијата и на Македонија да се справи со огнената стихија која се закануваше да ја проголта шумата во најубавиот предел во регионот.
ХУМАНОСТ: Наградата за хуманост е доделена на МПЦ ОА „СВЕТИ СПАС“-Делчево за нејзината посветена работа во помошта на социјално загрозени семејста, самохрани родители, маргинилизирани групи
СПОРТ: Признанието му е доделено на ЕМИЛ ПАВЛОВ, каратист, за освоеното светско сребро на Светското првенство во Дубаи, минатата година.
ЗДРУЖЕНИЈА НА ГРАЃАНИ: ПЧЕЛАРСКО ЗДРУЖЕНИЕ „МАТИЦА“-Кочани, за пристапот кон пчеларството како важна стопанска гранка и едукацијата на млади за овој бизнис.
МЛАДИНСКИ АКТИВИЗАМ. Извиднички одред „ЛАСТОВИЦА“ Кочани за способноста да привлече голем број млади во своите редови и бројните извиднички акции.
Наградите на најуспешните им беа врачени во Хотел „Аурора“ на Беровското Езеро на манифестацијата именувана како ј „Ноќ на источните оскари“.
С. Ивановски