СО ПОИНАКОВ ПРИСТАП ВО ИГРАТА „ОСОГОВО“ ДУРИ ВО ШЕСТОТО КОЛО ЈА ДОЧЕКА ПРВАТА ГОДИНЕШНА ПОБЕДА

септември 28, 2023
1 min read

Исти играчи, ист стручен штаб, иста управа, па зарем требаше да помина пет коло експериментирање па да некој ги потсети дека играат во клуб со стогодишна историја за да почнат наеднаш нешто да менуваат и да дојдат до првата овогодишна второлигашка радост.

Во саботата, во шестото коло како на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани да играа некои други играчи кои имаа некој друг пристап во играта и што е најдобро во се, имаше заедничка еуфорија по завршување на натпреварот.

Навистина во саботата беше задоволство да се гледа новиот распоред на некои играчи што беше крунисано со три погодока во мрежата на струмичани, исто толку погодоци колку што беа постигнати во изминатите пет кола.

По сето виденото, мора некој да ги подготви овие играчи кои не се со лош квалитет дека кога тие излезат на теренот бројчано се еднакви како и нивните противници и нема ништо да загубат доколку играат со срце за боите на клубот.

Му се допаѓало тоа некому или не, ние ќе продолжиме да критикуваме кога нема резултати но и да им бидеме ветер во грбот на играчите доколку забележиме дека го промениле односот кон боите за клубот чиј дрес носат. Тоа е наше право бидејќи шест децении го следиме клубот и веќе ни е јасно кога некој сака да игра а кога некој се однесува инфериорно на теренот.

Сега кога сите ја славиме првата годинешна второлигашка победа да им порачаме на оние душегрижници кои се однесуваат дека клубот за само пет години го засакале повеќе од некои кои  со децении му се радуваа на победите, но и тагуваа по поразите, дека покорисно за „Осогово“ би било да ги средуваат работите во клубот, да градат добри и искрени односи и кон управата и кон играчите а не кога нема резултати да се кришум (тајно) закануваат со откази а подоцна победите да си ги препишуваат како нивна лична заслуга.

Пријателчиња, прифаќајте ги критиките како добро за сите во клубот и наместо да се исмејувате по трибините и со прст некого да покажувате да седнете и да кажете како тоа на трибините има 400-500 гледачи а од таа бројка некаде 80-100 само плаќаат влезни билети. Тоа е вашата задача, да правете анализи,  а не да се занимавате дали некој го сака клубот или не, па си дозволува такви коментари да објавува.

Време е да почнете да го одите патот кој го ветивте и по кој го изодивте шестото коло, време е за собирање на бодови, а шансата ви е тука бидејќи рековме кога излегувате на терен сте бројчано исти како и противниците. Вие тоа го можете но само доколку почнете да размислувате и да имате пристап на натпреварите како на натпреварот против „Беласица“.

Од вас тоа го очекуваат сите оние на кои „Осогово“ им е во срцето.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ