СОВЕТНИЦИТЕ, ПОЛИЦИЈАТА И ОДГОВОРНИТЕ ВО ОПШТИНАТА ДА ГО РЕШАТ СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ГРАДОТ

јули 7, 2022
1 минути

Нерегистрирани возила „летаат“ по улиците на градот, малолетници без дозвола управуваат со возила, паркирање по тротоари, по зелени површини, од двете страни на коловозот, пред патеки за лицата со посебни потреби, во близина на кружните текови, со години нерегистрирани возила заземаат дела од површините, й сето тоа создава една грда слика, создава еден сообраќаен хаос кој никој не се нафаќа да го решава, а трпат сите учесници во сообраќајот.

Во Петок е закажана 14-тата седница на Советот на Општина Кочани на која ќе се дебатира по 24 точки. Од она што се гледа од дневниот ред може да се заклучи дека главен приоритет се дава за донесување Одлука за основање на ЈП за стопанисување, поставување и одржување на јавно осветлување, Годишен план за вработување во Општина Кочани за 2023 година како Предлог-одлука за долгорочно задолжување на Општина Кочани во деловна банка, додека за сообраќајниот хаос никој не сака ниту да помисли, не пак преку дебатирање да го решава.

Крајно време е советниците да ги остават на страна партиските предрасуди бидејќи тие се избрани од граѓаните и треба ним да им служат, да ги решаваат нивните проблеми, а дали во општината има поголем проблем од сообраќајниот хаос тие ќе треба да помислат и да го дадат одговорот.

Полицијата исто така треба да допринесе со решавање на сообраќаниот хаос. Да ги остави на страна пријателските или роднинските врски и да постапува согласно законските прописи бидејќи нив ги плаќа народот а далеку поголем е бројот на незадоволниот народ отколку од оној што ќе им се налути.

И на крајот вработените во Општина Кочани кои се задолжени за решавање на сообраќајот се тие кои треба да го решат овој голем проблем. Доволно е да излезат од канцелариите, нека направат една обиколка по улиците, нека ги скенираат неправилностите и нека го изнајдат вистинското решение.

 

Денови по овие горештини тешко е да вози а уште потешко е да се движи некој по улиците (бидејќи поголемиот број од тротоарите се претворени во паркиралишта) а што ќе биде во следните денови кога нашите од страна ќе си дојдат на одмор не треба ниту да се помисли.

Е тогаш сите ќе сфатат дека на време требало да се решаваат проблемите.

С. Ивановски