ТРИЛЕР НАДОПОЛНУВАЊЕ ВО КОЧАНИ, СРЕЌАТА ИМ СЕ НАСМЕВНА НА ГОСТИТЕ

Во Спорт
август 26, 2023
1 минути

По сончево но спарно време за игра денес во Кочани во рамките на 3-тото коло во Втора фудбалска лига, „Осогово“ го пречека хитот на првенството „Башкими“ од Куманово. Гледачите проследија интересен и возбудлив натпревар со трилер завршница.

Се играше 96’ кога при резултат 2:2 домаќините беа во еден од последните напади кон голот на кумановчани. Топката дојде до нововлезениот Христијан Крстов кој малку откосо упати удар кон голот на  Лука Стојковски, но пречката беше сојузникот на гостите, топката се одби до гостинските играчи кои изведоа брз против напад и по нафрлената топка од левата страна Сами Аљиљи од само еден метар ја упати во празната мрежа на немоќниот Ѓорѓи Јованоски и трите бода отпатуваа за Куманово.

Самиот почеток на натпреварот не ветуваше ваква драма. Гостите играа отворено а домаќините за разлика од претходните натпревари играа посмирено и создадоа неколку поволни прилики за гол.

Во 16’ 0:1. По еден непотребно направен прекршок на левата страна гостите изведоа слободен удар,  на нафрлената топка натрча Атдхе Кадрију кој ја подметна ногата, й го смени правецот и таа заврши во левата мала мрежичка на немоќниот Јованоски.

Домаќините бргу израмнија., во 25’ Јован Дојчинов доби топка на левата страна, тргна кон голот на гостите и кога дојде во поволна позиција, ниско по земја биеше во левиот долен агол. На стадионот „Никола Мантов“ ерупција од воодушевување. Голот како да им даде крилја на „жетварите“. Се играше 35’ кога Тоше Манов доби убава топка на работ од шеснаесетникот, биеше од прва но по средината на голот во добро поставениот гостински голман. Во 41’ на работ на казнетиот простор на домаќините домашниот играч Влатко Стојановски направи фаул а судијата Кирил Смоквоски му покажа втор жолт картон што беше претворен во црвен. Слободниот удар мошне итро го изведе Мергим Љутфиу но домашниот голман Јованоски со бравурозна интервенција ја сочува својата мрежа.

Во последната минута од првото полувреме домаќините изведоа солиден напад, топката во срцето на шеснаесетникот дојде до Манов кој биеше но на негова жал и на гледачите топката удри во горниот дел на преката и заврши во гол-аут.

Во 55’ киксот на комплетната домашна одбрана го искористи Екрем Мемеди, биеше од свртување по земја и топката помеѓу многу нозе заврши зад грбот на немоќниот Јованоски. Тогаш домаќините како да ги разбуди водството на гостите. Беа направени неколку замени и играта доби нова димензија. „Жолто-сините“ почесто напаѓаа и гореа од желба да останат непоразени на денешниот натпревар. Во 67’ нововлезените Стефан Стефановски и Лука Георгиев беа главни иницијатори  на израмнувачкиот гол за „Осогово“. Најпрвин Стефановски одлично се проби по левата страна, ја сврте мошне мудро топката на работ на шеснаесетникот до Георгиев кој пак од прва го проигра денес одличниот Теодор Николовски, следуваше удар од прва по земја а топката од левиот дирек се одби во небранетиот дел на мрежата. За жал домаќините иако денес заслужија најмалку бод сепак поради лошата среќа повторно останаа со празни раце.

По завршување на натпреварот гостинските играчи најпрвин им отпоздравија на своите навивачи кои денес во Кочани ги имаше триесеттина, а при напуштањето на теренот од домашната публика добија аплаузи на отворена сцена што беше награда за нивната добра игра.

Резултати од 3-тото коло:

„Осогово“ – „Башкими“  2:3

„Победа“ – „Охрид“ 0:0

„Беласица“ – „Тетекс“  2:0

„Новаци“ – „Беса“  1:4

„Каменица Саса“ – „Пелистер“  0:3

„Детонит Плачковица“ – „Аресими“  1:0

„Кожуф“ – „Скопје“  4:2

„Караорман“ – „Вардар“ (Н)  2:0

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ