Како што истакнуваат жителите од село Нивичани (Кочанско) изборни циклуси минуваат, градоначалниците се менуваат, ветувањата веднаш се забораваат а тие и понатаму во 21 век немаат чиста вода за пиење.
Случката од минатата седмица кога наеднаш престана да тече и техничката вода во селото беше причината да го кренат својот глас. Пронајдената умрена лисица која била во фаза на распаѓање во една од каптажите, внесе страв и немир кај жителите на Нивичани од евентуално некакво заболување.
Во писмото кое ни го доставија се вели: „Почитуван градоначалник Папазов, уште во првиот мандат на градоначалникот Ратко Димитровски беше изготвен проект за реконструкција на селскиот водовод со каптажи и езерце на Арамиска чешма од каде требаше со чиста вода за пиење да се снабдува викенд населбата Пашаџиково и селата Рајчани, Пантелеј и Нивичани. Исто така беа направени и мерења и некакви студии за наводнување на земјоделските површини во атарите на селата со цел одгледување на земјоделски култури и останување на жителките во селата. И тука работите застанаа. Дојде друг градоначалник Николчо Илијев кој исто така ветуваше дека ќе се реши проблемот со водата но и од тоа досега ништо не излезе на виделина. Сепак благодарност до двајцата што се успеа да се асфалтира барем еден крак и да се постави бекатон коцки на една од краците во селските улици а и да се обнови црквата. Не знаеме градоначалниче Папазов дали и во вашиот мандат ќе се премолчат ветувањата за решавање проблемот со водата. Сепак се надеваме дека проблемот што ни се случи со умрената лисица најдена во една од каптажите за која сте информирани на 17 овој месец од страна на ОВР Кочани ќе биде причината да почнете да размислувате за нашиот проблем, проблем кој е немањето чиста вода за пиење во 21 век. Дека работата е сериозна покажа и доваѓањето на екипи од Центарот за јавно здравје кои исвршија хлорирање на водата во каптажите и кои ги затворија сите вентили за вода до селото. Чекаме ги резултатите од анализите кои се надеваме нема да покажат некакво заболување на жителите на селото кои веќе и имаат добиено имунитет поради досегашното користење на непитка вода.. Лошото менаџирање изминатите години на граоначалниците кои се и сешто ветуваат во кампањите беше и причина за иселување на жители од спомнатите села. Затоа јавно го објавуваме нашиот револт и се надеваме дека вашето ветување ќе го исполните и нема да не оставите на цедило како вашите претходници“.
С. Ивановски