ПО ШЕСТ ОДИГРАНИ КОЛА, „ОСОГОВО“ НА ПРВОТО МЕСТО, НО …….

Во Спорт
октомври 19, 2022
1 минути

Се одиграа повеќе од половината натпревари во есенскиот дел во Трета Фудбалска Лига – Исток, вкупно 6, по кои екипата на „Осогово“ се најде на првото место на табелата.

„Жолто-сините“ по шесте одиграни кола имаат освоено 16 бодови (5 победи, 1 нерешенa, 0 порази, и гол разлика 25:06 (+19)).

Иако „Осогово“ е на првото место сепак навивачите не можат да бидат задовочни од прикажаното. „Осогово“ е со најголем буџет во оваа лига за што зборува податокот дека сите играчи и тренери земаат надомест за вложениот труд. Финансиската конструкција во главно е обезбедена преку Буџетот на Општина Кочани што укажува дека играчите и тренерите се платени од граѓаните и тоа тие сакале или не, мора да го оправдаат со подобри игри и убедливи резултати.

Со „Победа“ од Валандово и „Дојранско езеро“ како домаќини добро се справија, но во третиот натпревар на стадионот „Никола Мантов“ наидоа на расположен противник во чии редови има неколку играчи кои знаат да играат фудбал па во „Осогово“ треба да бидат среќни што совладаа еден добар противник каков што беше „Академија Чешиново-Облешево“.

Ако како домаќини  на трите натпревари ги освоија деветте бодови, игрите на страна со исклучок на последниот натпревар во Свети Николе  треба да ги загрижат сите во клубот. Во Берово се дојде до бод, а додека во Градско Балдовци натпреварот на зелениот терен го загубија, но сета среќа што беше откриен настап на нерегистриран играч кај домаќините па бодовите службено им припаднаа.

До крајот на есенскиот дел остануваат уште 5 кола во кои „Осогово“ трипати е домаќин (Рудар, Брегалница – Делчево и Вардарски) а двапати гостува (Карбинци и Тиверија), доволен број на натпревари  во кои мора да ја подобрат играта за да ги освојат сите 15 бодови, во спротивно ќе немаат никакво оправдување за секој загубен бод.

С. Ивановски