ЧЕТИРИ МЕДАЛИ ЗА БОРАЧИТЕ НА „СПАРТАК“ НА МЕЃУНАРОДЕН МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР ВО ПЕТРИЧ (БУГАРИЈА)

декември 17, 2022
0 min read

Во организација на Боречкиот Клуб „Беласица – Петрич 2021“ и Општина Петрич (Република Бугарија) денес во салата „Армеец“ во Петрич се одржа Меморијален Меѓународен турнир во борење „Венцислав  Поизоев“. Екипата на „Спартак“ од Кочани на турнирот учествуваше со седум натпреварувачи (Христијан Стоилов, Едис Билалов, Илија Иванов, Андреј Соколов, Даријан Павлев, Павел Темелков и Филип Ангелов) и двајца тренери (Александар Павлев и Гоце Ангелов).

Во конкуренција на 110 натпреварувачи младите борачи на „Спартак“ освоија четири медали од кои еден сребрен и три бронзени, додека останатите тројца натпреварувачи иако имаа добар настап сепак завршија како петти.

Даријан Павлев во категорија до 57 килограми го освои сребрениот медал, додека со бронза се закитија: Едис Билалов, категорија до 35 килограми, Андреј Соколов, категорија до 48 килограми и Филип Ангелов, категорија до 64 килограми. Христијан Стоилов (35), Илија Иванов (42) и Павел Темелков (57) завршија на петтото место.

Како и да е, со освоените четири медали борачите на „Спартак“ заокружија една доста добра година а со голем оптимизам и уште повеќе работа ветија дека следната 2023 година ќе биде уште подобра и со повеќе освоени медали од годинешната.

С. Ивановски