Од 20 до 21 Октомври оваа година во организација на СУБНОР од Белград беше одржана 6-тата конференција на боречките организации од поранешна Југославија.
По интонирањето на химната „Хеј Словени“ и песната „По шумама и горама“ Конференцијата ја отвори домаќинот, воедно и Претседател на Сојузот на борците од Белград, Полковник Бора Ерцеговиќ.
Во своето излагање пред присутните Ерцеговиќ се задржа на моменталните состојби и на повампирувањето на фашизмот со поистоветување на партизаните и на четниците во Србија, промени на имињата на улиците кои имаат имиња на борци, бришење на историјата од учебниците за периодот 1941-1945, скрнавење и уништување на споменици од НОБ, а подигање на споменици и цртање мурали на озлогласени четници како и рехабилитација на фашистичките слуги Дража Михајлович и Никола Калебиќ.
По неговото излагање и останатите делегати кои присуствуваа на Конференцијата ги изнесоа сличните проблеми во своите републики, а за состојбите во Македонија зборуваше Ѓорѓи Николов член на Здружението на граѓани „Јосип Броз Тито“ кој посебен осврт даде околу ветото на Бугарија кон Македонија како и отворање клубови со имиња на фашистички соработници.
На крајот од дводневната Конференција беше потпишана и заедничка Декларација на членовите претставници на своите организации
По завршувањето на Конференцијата делегациите положија цвеќе на споменикот на ослободителите на Белград (20 Октомври), а во „Куќата на цвеќето“ беше положено цвеќе на спомениците на Јосип Броз Тито и на неговата сопруга Јованка Броз.