Досега се одиграа осум кола во Втората Фудбалска Лига по кои екипата на „Осогово“ со 1 победа, 2 нерешени и 5 пет порази и гол разлика 07:15, со вкупно освоените 5 бода се најде на 14-тото место кое не гарантира мирен сон.
Уште пред почетокот на првенството беше повеќе од јасно дека овој состав без ангажман на 2-3 поискусни играчи ќе се бори за гол второлигашки живот.
Факт е дека неефикасноста е рак-рана во изминатите осум кола кај кочанчани, но повеќе загрижува недисциплината како на теренот, така и на клупата.
За илустрација само, играчите на „Осогово“ во изминатите 8 кола имаат заработено 24 жолти картони и 1 црвен што е знак дека касата на кочанскиот второлигаш полека но сигурно се празни, и наместо парите да бидат наменети за играчите, клубот мора да плаќа високи казни.
Да се само играчите недисциплинирани можеби и ќе се сфати оваа картонијада, но голема недисциплина владее и на клупата за резервни играчи, поточно од страна на Стручниот штаб.
Во првите три кола судиите покажаа еден жолт картон на клупата на „Осогово“ но во последните пет картоните зачестија така да стручниот штаб заработи уште 4 жолти и еден црвен картон, што мора да се признае дека е премногу.
Мора сите во клубот да сфатат дека нема толеранција кај судиите за неспортското однесување. Ајде донекаде да ги сфатиме играчите дека понесени во жарот на борбата прават некои непромислени стартови или приговараат на судиите, но членовите на стручниот штаб без разлика на некои лоши одлуки од страна на судиите на сметка на клубот мора малку да ги смират страстите бидејќи ако вака се продолжи ќе нема ниту за плата ниту за премии.
Во следното коло „Осогово“ и гостува на „Беласица“ во Струмица натпревар кој мора да биде пресфртница кога дисциплината е во прашање.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ