СОВЕТНИЦИТЕ ОДЛУЧУВААТ: ЌЕ ДОБИЈАТ ЛИ ОБЈЕКТИ ИМИЊА НА ЗАСЛУЖЕНИ СПОРТИСТИ И ДРУГИ ЛЕГЕНДИ НА КОЧАНИ

декември 28, 2021
1 минути

На утрешната 5-та седница на Советот  на Општина Кочани советниците ќе бидат пред вистински предизвик.

Предлогот на советникот Венко Крстевски како член на Комисијата за образование, спорт и култура даден на вчерашната седница на соодветната Комисија „Градската спортска сала“ во иднина да го носе името „Сашо Лазаров – Чапо“ беше усвоен.

Сега останува на преостанатите осумнаесет советника истиот да го прифатат и да името на извонредниот кошаркар и капитен на големиот „Деликатес“ а подоцна и тренер Сашо Лазаров – Чапо стане симбол на кочанскиот кошаркарски храм.

По тој повод денес на својот профил советникот Венко Крстевски објави: „Сакам да ја известам јавноста дека дека како член на Совет на Општина Кочани и член на комисија за образование, спорт и култура во текот на вчерашната седница на Комисија поднесов предлог иницијатива за именување на нашата Градска сала по нашиот сограѓанин Сашо Лазаров – Чапо како заслужен спортист и граѓанин. Предлогот беше едногласно усвоен, се надевам дека исто ќе биде и на утрешната седница на Совет“,

За потсетување само, сличен предлог за преименување на спортски објект во име на заслужен спортски работник во Кочани имаше и во месец Јуни оваа година.

Имено од Клубот за Гимнастички Спортови  „Кочани“ беше доставен предлог во иднина Гимнастичката сала или познатата „Соколана“ го носи името Јордан Манов – Ѓавол.

Убава шанса овие заслужни спортисти а и други легенди на Кочани добијат свои имиња на објекти кои ќе станат уште попознати со нивното преименување.

С. Ивановски