ТРЕТА ФУДБАЛСКА ЛИГА – ИСТОК, И СЕ Е МОЖНО

Во Спорт
април 10, 2022
1 минути

Последните случувања во МАК фудбалот уште еднаш покажаа дека ниту имаме здрава Фудбалска федерација со поставени вистински луѓе на вистински позиции, ниту пак во блиска иднина сето тоа ќе се промени. Успесите на репрезентацијата се нешто друго, нешто посебно, бидејќи нејзините бои ги бранат професионални играчи кои лебот чесно си го заработуваат во странските клубови.

Кај нас од најниските до највисоките рангови на натпревари се е некако поставено на крива основа, се е политички поврзано и затоа се случуваат работи кои во некоја цивилизирана земја не можат ни да се осмислат а не пак да се направат. Општо е познато дека во органите и телата на федерацијата со години се едни те исти луѓе кои со своите хонорари само си го полнат домашниот буџет а за фудбалот се грижат како за снегот што се стопи а заврна пред 10 години. Но таква е поставеноста и според нив таква треба да остане.

Случувањата со судењето во Првата и Вторите лиги кое со години беше рак рана а некој сето тоа упорно  го ставаше „под тепих“, годинава експлодира. Клубовите веќе не сакаат да молчат и своето незадоволство јавно го манифестираат.

Дека „рибата смрди од главата“ за нас се интересни случувањата во Трета Фудбалска Лига – Исток која онака народски кажано се организира и започна на „мускули“. За да се задоволат нечии партиски желби сигурно со амин од ФФМ се направи лига со таман толку клубови колку што е потребно, 6 (шест), но дали сите ги исполнуваат условите за учество во третата лига е прашање на кое треба да дадат одговор токму надлежните од федерацијата.

Како прво во лигата од истокот се натпреварува и „Дојранско езеро“, екипа која минатата година се натпреваруваше во Трета Фудбалска Лига – Југ и која заедно со екипите на ФК „Габер“ од с. Ваташа и ФК „Илинден БС“ од Башино село испаднаа од лигата на дојранчани без да одиграат натпревари во Општинска лига им е дозволено и годинава да се натпреваруваат во третолигашко друштво, овој пат на истокот а по кој член од Правилникот за натпреварување е дадена дозвола за нивниот настап тоа треба да го кажат одговорните во ФФМ.

Како со „Дранско езеро“ така е и со екипата на „Рудар“ од Пробиштип, и таа се втурна во лигата иако немаат ниту еден натпревар одиграно во општинската лига на Пробиштип.

Дека Трета Фудбалска Лига – Исток е лига за згрижување на хонорарни „фудбалски работници“ нека потврди податокот што никој никаде официјално нема објавено распоред на натпревари, резултати и табела на досега одиграното, туку се препушта секој сам да се снаоѓа како знае и умее доколку е заинтересиран за такво нешто.

Тоа е наједноставното нешто што треба хонорарците од третата лига да го направат. Но за жал тие како да не се заинтересирани за такво нешто, ним им е важно да се одиграат предвидените кола (можеби и само 75% од натпреварите) да си го земат месечниот хонорар а додека другото воопшто не е важно.

Повеќе од дваесет години се боревме седиштето на третата лига наместо да се менува на релацијата Штип-Струмица да дојде и во Кочани. Се успеа во намерата, но после ваквиот однос на луѓето што ја водат лигата шеста година подобро и да не било никогаш овде седиштето.

Но тоа е таа Трета Фудбалска Лига – Исток, во која сé е можно.

С. Ивановски